Потпретседателот на ДУИ и кандидат за градоначалник на Чаир од „Националната алијанса за интеграција“, Бујар Османи, најави механизми со кои ќе одговори на укинувањето на „балансерот“ и на, како што рече, обидот за исклучување на јазиците на државно нивно.
Претставувајќи ја својата визија за Чаир, како општина во која, како што кажа, ќе доминираат еднаквоста и достоинството, Османи во две од петте точки што ги наведе се осврна на „балансерот“ и иницијативата во Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците, која досега требаше да се најде дневен ред, но беше одложувана од повеќе причини.
На, како што го нарече, елиминирањето на „балансерот“ на државно ниво, доколку биде избран за градоначалник на Чаир, Османи рече дека тој и неговата администрација ќе одговорат со формирање општински фонд што ќе обезбеди сите млади, без разлика на етничка припадност да имаат еднакви можности за стипендии, за пракси и вработување.
-Овој фонд ќе биде гаранција дека правичната застапеност не е само збор, туку жива пракса – рече Османи.
Во однос на прашањето за употребата на јазиците, тој најави дека ќе одговори со формирање одделение за јазици во општината. Целта на одделението, како што кажа, ќе биде да се гарантира дека македонскиот, албанскиот, турскиот, босанскиот и ромскиот јазик ќе се имплементираат, негуваат и почитуваат во општина Чаир.
Инаку, прва во сетот мерки, што според Османи треба да го направата Чаир оаза на заедништвото и рамноправноста ќе биде изградба на центар во кој Македонците, Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите и сите заедници ќе можат да ги претстават, како што кажа, својата култура и традиција.