Општина Аеродром распиша јавен повик за закуп на покриен шанк во паркот „Авионче“

by irena 22:46
22:46

Како што соопштуваат од општинската прес-служба, предмет на јавниот повик за закуп е покриен шанк со вкупна површина од 118,76 квадратни метри, сместен во паркот „Авионче“ во населбата Ново Лисиче. Објектот се издава под закуп за период од пет години и располага со комплетно опремени простории, меѓу кои кафе-бар, кујна, санитарен јазол, тераса и помошни простории.

Според условите од огласот, најповолниот понудувач ќе има обврска во рок од 90 дена од потпишувањето на договорот да постави детско игралиште со соодветни реквизити во рамки на паркот, наменето за најмладите посетители. Дополнително, закупецот ќе треба да обезбеди редовно одржување на објектот и околниот простор, да овозможи јавен и бесплатен пристап до тоалетите, да воспостави систем за селекција и управување со отпадот, како и да организира 24-часовна чуварска служба со цел заштита на јавниот имот и безбедност на посетителите.

Од Општина Аеродром посочуваат дека оваа постапка е дел од пошироките напори за транспарентно и одговорно управување со јавниот простор, унапредување на парковската и рекреативната инфраструктура, како и создавање поквалитетни услови за одмор и рекреација на граѓаните. Воедно, од општината нагласуваат дека преку ваквите јавни повици се обезбедува и поддршка за развој на локалниот бизнис.

Целосната документација, критериумите и условите за учество во постапката се достапни на електронската платформа www.e-stvari.mk
, како и на официјалната веб-страница на Општина Аеродром.

Слични вести