Кривичниот суд го одобри обвинението против Нино Васев, поранешен медицински директор, и Нахад Нухи, поранешен организациски директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија при Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“, пренесе МИА.
Се товарат за злоупотреби, измама и проневера во службата од 2018 до 2022 година. Според обвинението, незаконски набавувале лекови кои ги прикривале со фиктивни тендери и притоа присвојувале дел од терапијата за болните од рак. Проценката е дека го оштетиле буџет тна државата за речиси 36 милиони евра.
Како што пренесува МИА, во обвинителниот акт стои дека кривичното дело „злоупотреба на службената положба“ обвинетите го сториле се кршење на Законите за здравствена заштита, за здравствено осигурување, за буџетите и за јавните набавки.
„Обвинетите, во постапките за јавни набавки на лекови – биолошка активна терапија, молекуларна таргет терапија и моноклонални антитела набавувале лекови на реверс без да постои валиден правен основ за тоа, по што за покривање на реверсите спроведувале постапки за јавни набавки, кои биле беспредметни бидејќи добавувачите на лекови во рамки на добиените јавни набавки ги фактурирале претходно дадените лекови на реверс, па без комплетна, веродостојна и вистинита документација обвинетите овозможувале верификација на реверсите преку јавните набавки.
Со ваквите противзаконити дејствија обвинетите креирале противправни обврски на Фондот, кој бил доведен во заблуда дека условниот буџет кој го одобрува се однесува на законски креирани обврски, а не за намирување на противправно креирани обврски за лекови набавени на реверс, поради што Фондот на годишно ниво одобрувал условен буџет на Клиниката, од кој потоа биле исплаќани лековите набавени на овој начин“, стои во обвинителниот акт.
Васев се товари за уште едно кривично дело во одобреното обвинение-проневера во службата.
Според обвинението, преку постапките за набавка на лекови тој набавувал и количина на лекови која имал намера да ја присвои. Откако со свој потпис ќе го препишел и одобрел лекот, дел од лековите фиктивно ги раздолжувал. Тоа значи дека не ги давал на пациентите на чие име биле требувани. Разликата меѓу евидентираната требована и раздолжена количина е во износ од околу 32 000 евра.
За Васев веќе се води судски процес по друго обвинение за случајот „Онкологија“. Таму се обвинети уште тројца други лекари. Васев, заедно со уште лекарка, е обвинет за тешки дела против здравјето на луѓето и несоодветно лекување, при што кај 29 пациенти применил неподобна терапија спротивна на онколошките упатства. Дел од терапиите биле одобрени со факсимил и лозинка на втората обвинета.