Одложено судско рочиште за предметот „Државна лотарија“ – причина е приведувањето на Перпарим Бајрами

by irena 13:31
13:31

Судското рочиште за предметот „Државна лотарија“ наместо на закажаните термини на 11 и 16 септември е поместено на 18 септември откако денеска на истражните органи во земјава им се предаде првообвинетиот Перпарим Бајрами, поранешен директор на Државна лотарија.

Кривичниот суд информира дека Бајрами има законски рок од осум дена за увид во обвинителниот предлог поради што расправите закажани на 11 и 16 септември се отповикуваат.

– Управата на КПУ Затвор Скопје го извести Основниот кривичен суд Скопје дека Перпарим Бајрами, прво обвинет во предметот со К.бр. 1494/26 поврзан со Државната лотарија, а кој се барање со меѓународна потерница, утрово, нешто по 7 часот е спроведен во затворот на издржување на претходно определената мерка притвор. Заради тоа судот, во текот на денов, на обвинетиот ќе му достави примерок од обвинителниот предлог како би можел да се запознае со истиот, а со оглед да Законскиот рок за увид во предлогот и доказите е 8 дена, расправите насрочени за 11 ти и 16 ти септември се отповикуваат а судењето ќе продолжи на 18 ти септември во 12:00 часот – информира Кривичниот суд.

Откако побегна од земјава, за Бајрами беше распишана меѓународна потерница. Тој утрово сам се предаде на граничниот премин „Блаце“, по што беше спроведен во затворот во Скопје.

Против него се води постапка во предметот поврзан со Државната лотарија, а Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека против него се водат и уште четири постапки за истото кривично дело – „Злоупотреба на службената положба и овластување“.

Покрај Бајрами, за злоупотреби направени во „Државна лотарија“ се обвинети и поранешниот вицепремиер Артан Груби Методија Димевски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу.

На судењето што почна неделава сите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, освен Бајрами, кој беше недостапен на органите за прогон, и обвинетиот Башким Авдиу, кој изјави дека не го разбира обвинението што му се става на товар и побара да му биде доставено писмено на неговиот мајчин, албански јазик.

Обвинението, кое го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, се однесува на дејства преземени во текот на 2023 и 2024 година, со кои обвинетите ги пречекориле службените овластувања и предизвикале штета на „Државната лотарија“ во износ од 596.125.511 денари.

Слични вести