Околу 6.300 училишта низ Италија денеска добиле електронски пораки со закани за поставени бомби, што довело до евакуација на училиштата.
Слични закани биле упатени и кон образовни институции во Шкотска, Северна Ирска и Република Ирска, но тие биле оценети како лажни, па наставата не била прекината, пренесува Ројтерс.
Пораките содржеле и експлицитни закани упатени кон италијанската премиерка Џорџа Мелони, соопшти министерот за образование на земјата, пренесува Еуроњуз.
Пораката започнувала со зборовите: „Дојдовме да ве уништиме. Ќе извршиме геноцид врз Италијанците“.
Во пораката исто така се наведува дека во една од зградите е поставена „моќна експлозивна направа“ со далечинско активирање.
„Поставивме бомба во моторот на автомобилот на вашата премиерка“, се вели во пораката, која е потпишана со името „Михаил Андропов, лидер на Вилает Мизогинистан“.
Слични закани со бомби, кои минатата недела ги добија медиуми во Ирска и Бугарија, исто така беа испратени во име на наводниот автор, Михаил Андропов.
Италијанскиот министер за образование, Џузепе Валдитара, изјави дека низ целата земја се пријавени околу 300 случаи, додавајќи дека „јасно е оти постои одредена стратегија“.
Содржината на електронските пораки сè уште не е проверена, а надлежните служби спроведуваат безбедносни проверки за да се гарантира безбедноста на учениците, наставниците и другите вработени во училиштата.
За инцидентот зборуваше и министерот за одбрана, Гвидо Крозето, најавувајќи дека за состојбата, како и за општите безбедносни прашања, ќе биде поднесен извештај пред парламентот.
Тој оцени дека дојавите за поставени бомби се дел од стратегија за дестабилизација.
„Станува збор за стратегија која сега е јасна, а чија цел е ширење страв и предизвикување загриженост. Секој од нас, користејќи ги средствата и алатките достапни денес, би можел да испрати електронска порака до училиште, градинка или авиокомпанија и да тврди дека е поставена бомба“, рече Крозето.