Обвинувања за трговија со општини: Дали Струмица и Карпош беа освоени или предадени?

По вчерашното гласање, Апасиев го обвини „корумпираното раководство“ на СДСМ на чело со Филипче дека му ги предало општините Струмица и Карпош на ВМРО-ДПМНЕ. Своевремено, и довчерашниот струмички градоначалник од СДСМ Костадинов се посомнева во можен таен договор за негово жртвување. Мицкоски, пак, поразот на Јакимовски во Карпош го оцени како крај на ерата на „локални шерифи и итромани“.

by vlatko 15:36
15:36

Повикувајќи ги гласачите на СДСМ да и се придружат на Левица, со цел партијата да го победи ВМРО-ДПМНЕ на следните парламентарни избори, партискиот претседател Димитар Апасиев го обвини раководството на СДСМ дека му ги предало општините Струмица и Карпош на ВМРО-ДПМНЕ.

–Ве пуштија низ вода. Ги предадоа Струмица и Карпош, предадени сте од корумпираното раководство. Престројте се позади нашиот бајрак, за да ги победиме ДПМНЕ на наредни парламентарни избори – рече Апасиев, обраќајќи им се на гласачите на СДСМ.

Дали ваквото обвинување на Апасиев дека „корумпираното раководство“ на СДСМ ги предало Струмица и Карпош на ВМРО-ДПМНЕ е во функција на целта Левица да ги придобие членовите и симпатизерите на СДСМ, или, пак, има (нешто) вистина во тоа?

Имено, кога станува збор за Струмица, треба да се потсети дека СДСМ одлучи да не го кандидира довчерашниот градоначалник Костадин Костадинов за втор последователен мандат, туку изборот падна врз Марјан Даскаловски.

Тоа предизвика револт кај Костадинов, кој, меѓу другото, во тој период беше прашан дали е жртва на таен договор меѓу ВМРО и СДСМ? Поточно, прашањето што му беше поставено во интервју за „Локално“, објавено во јули годинава, гласеше:

„Дел од аналитичарите препознаваат договор меѓу двете најголеми македонски партии за преземање на Струмица од страна на ВМРО-ДПМНЕ по 20 години пауза. Има ли вистина во овие шпекулации и зошто толкава борба за градот“?

Во однос на тоа, Костадинов одговори дека не сака да верува во тоа, но истовремено додаде дека, кога гледа одредени постапки, заклучува дека „предавањето на клучен град не може да биде случајно“.

„Не би сакал да верувам дека е така. Навистина. Се уште верувам дека во оваа држава има линии што не треба да се преминуваат, а една од нив е тајниот договор на штета на сопствениот град и сопствениот народ. Сепак, морам да бидам искрен.

Кога ги гледам некои постапки, некои премолчувања и некои чудни тивки координации, не можам да не се запрашам дали има нешто што граѓаните не го знаат? Зашто ваква несоодветна кандидатура, ваква леснотија во предавањето на клучен град, не може да биде случајна.

Но, повеќе од теориите, верувам дека тука станува збор за страв. Страв не од Струмица, туку од Костадин Костадинов. Од мојата решеност да се справам и со едните и со другите, без калкулации, без страв и без договори зад грб на народот.

Ако нешто може да ги обедини двата партиски табора во „негласен договор“, тоа е стравувањето од еден модел на политичар што не им одговара, од политичар што не должи, не се пазари и не се плаши – одговори Костадинов.

Како што е познато, ВМРО-ДПМНЕ на овие локални избори успеа да победи во Струмица за првпат по 20 години. Уште во првиот круг, нов градоначалник стана Петар Јанков од ВМРО, кој освои 15.071 гласови, додека Даскаловски од СДСМ освои 9.732 гласови.

Што се однесува до Карпош, и таму за првпат по повеќе од 2 децении победи кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е Сотир Лукровски, кој во вториот круг го порази довчерашниот градоначалник, Стевчо Јакимовски, кој беше на оваа функција 4 мандати. Конкретно, Лукровски освои 13.512 гласови, а Јакимовски 12.378 гласови.

–Помина времето на локални шерифи и итромани, кои градеа кариера преку малверзации и ситни манипулации, со децении се шалтаа од еден до друг ќош, само за да политички преживејат. Тоа време завршува и во скопски Карпош – порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, додавајќи дека на оние кои бомбата ја спремаа за други им прсна во рака.

Колку за споредба, Лукровски во првиот круг освои 10.284 гласови, што значи дека во вториот круг освоил плус 3.228 гласови. Јакимовски, пак, во првиот круг освои 8.761 гласови, или 3.617 гласови помалку отколку во вториот круг. Значи, и двајцата имаат значително повеќе гласови во вториот круг, па се поставува прашањето кои се тие дополнителни гласачи?

Инаку, во првиот круг кандидати за градоначалници имаа и СДСМ и Левица, додека имаше и една независна кандидатура. Така, кандидатката на СДСМ Маја Мојсова освои 3.827 гласови, кандидатот на Левица Антонио Димитров освои 2.802 гласови, додека независната кандидатка Невена Георгиевска освои 2.669 гласови.

Се на се, Мојсова, Димитров и Георгиевска заедно освоиле 9.298 гласови, а Лукровски и Јакимовски во вториот круг освоиле 6.845 гласови повеќе отколку во првиот круг, од што може да се претпостави дека околу 2 третини од оние гласачи што во првиот круг гласале за отпаднатите кандидати гласале за двајцата што влегоа во вториот круг, додека една третина од нив останале дома.

Кога ќе се погледне гласањето за општинскиот совет, пак, произлегува дека Лукровски како кандидат за градоначалник во првиот круг освоил повеќе гласови отколку советничката листа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ (9.852), а Мојсова и Димитров освоиле помалку гласови отколку советничките листи на СДСМ, односно Левица (4.130/4.177).

Тоа може да доведе до разни заклучоци, а еден од нив е дека уште во првиот круг можеби имало пренасочување или прелевање на дел од гласовите како резултат на партиски страегии или тајни коалиции. Во тој контекст, големо внимание привлече фотографијата на Мојсова со Лукровски непосредно пред вториот круг, иако од СДСМ демантираа дека тоа значи поддршка на Лукровски.

Ако ВМРО-ДПМНЕ по долги години ги освои Струмица и Карпош, не победи во трката за градоначалник на Центар. Иако најголемата владејачка партија на ланските парламентарни избори освои над 5 илјади гласови повеќе во Центар отколку СДСМ, сепак, на овие избори реши да поддржи кандидат на коалицискиот партнер ЗНАМ на Максим Димитриевски.

Односно, како кандидат на владејачката коалиција за градоначалник на Центар влезе заменик-министерот за енергетика Мирослав Лабудовиќ, кој на крајот загуби од старо-новиот градоначалник Горан Герасимовски, кој во меѓувреме доби критики од одредени сопартијци дека се оградувал и водел политика на дистанца од матичната партија СДСМ.

Што покажуваат бројките? Герасимовски во вториот круг победи со 11.108 гласови, што е за 2.573 гласови повеќе од оние 8.535 гласови што ги освои во првиот круг. Од друга страна, пак, Лабудовиќ во вториот круг загуби со освоени 7.987 гласови, иако тоа претставува зголемување за 2.280 гласови во однос на првиот круг, кога освои 5.707 гласови.

Значи, двајцата заедно во вториот круг освоиле 4.853 гласови повеќе отколку во првиот круг, кога во градоначалничката битка имаше уште двајца кандидати. Тоа беа Марија Среброва од Левица, која освои 2.121 гласови, како и поранешната антикорупционерка Билјана Ивановска, која како независна кандидатка освои 4.465 гласови. Најголем дел од нивните 6.586 гласови се распределиле кај Герасиовски и Лабудовиќ.

Она што е интересно, советничката листа на СДСМ освои 6.089 (8 мандати), што е за 2.446 гласови помалку од оние што ги освои Герасимовски во првиот круг. Наспроти тоа, советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ освои 6.003 гласови (7 мандати), а листата на ЗНАМ 1.884 гласови (2 мандати). Оттука, советничките листи на коалициските партнери заедно освоиле 7.887 гласови, што е 2.180 повеќе од гласовите на нивниот кандидат Лабудовиќ во првиот круг.

Во врска со темата за неформална соработка меѓу ВМРО и СДСМ, треба да се потсети дека за тоа јавно говореше лидерот на едно од крилата на Алијанса за Албанците Зијадин Села, додека во пресрет на изборите темата ја реактуелизираа и од ДУИ на Али Ахмети, од каде велеа дека доказ за оваа соработка е тоа што ВМРО и СДСМ не си конкурираат во голем број општини.

Своевремено, кога Мицкоски го обвини неговиот претходник Никола Груевски дека шурува со поранешната власт на СДСМ и ДУИ, Груевски реагираше дека Мицкоски го направил партнер Зоран Заев, кој, пак, претходно отворено се залагаше за идејата за заедничко владеење меѓу двете најголеми партии, по пат на ротација според германски модел.

Сепак, во рамки на предизборната кампања Мицкоски испорачуваше жестоки обвинувања на адреса на актуелното раководство на СДСМ на чело со Венко Филипче, како и кон неговиот претходник Заев, кого, покрај останатото, го обвини дека земал куферчиња со пари од Бојко Борисов. Заев, пак, возврати дека Мицкоски ја влече државата во провалија.

Се погласни најави за проширување на мнозинството: Дали новиот субјект на Села ќе влезе во Владата?

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести