Обвинителката Искра Хаџи Василева, кандидат за шеф на ОЈО ГОКК: Колегите да застанат со мене во оваа борба

by valentina 08:50
08:50

Кон крајот на месецот, поточно на 28 октомври, ќе биде познат наследникот на Ислам Абази, досегашниот шеф на најмоќното обвинителство во државата, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Сите петмина кандидати за „Фокус“ споделуваат зошто сметаат дека се вистинскиот избор за прв човек на ова обвинителство, односно зошто колегите да гласаат за нив. Исто така, одговорат и на прашањето што му е потребно на ова обвинителство за да може бескомпромисно да се спротивстави на сериозниот криминал, како и тоа кои ќе бидат нивните заложби доколку бидат избрани?

Во оваа трка се обвинителите Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски. „Фокус“, деновиве, ги објавува нивните изјави по редоследот кој е утврден со кандидатската листа која ја објави Советот на јавните обвинители.

Обвинителката Искра Хаџи Василева веќе 11 години работи како јавен обвинител. Таа е академец од петтата генерација во Академијата за судии и јавни обвинители. До неодамна беше дел од скопското обвинителство, но од 2024 година се приклучи во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Работела на доста значајни предмети, но едни од последните по кои ја препознава јавноста е случајот со 350.000 илјади евра заѕидани пари на судијата Ѓоко Ристов, како и случајот „Жан Митрев“.

Обвинителката истакнува дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е важна алка, а резултатите и довербата во неговата работа се проектираат врз сите останати обвинителства во државава.

–Уверена сум дека со мојот пристап, со вредностите за кои се залагам, со желбата да дадам придонес кон бескомпромисната борба против криминалот и корупцијата, што секојдневно ја демонстрирам во своето постапување, можам да дадам личен придонес да се почувствуваат ефектите од работата на ОЈО ГОКК. Колегите добро ме познаваат, со многумина ги делиме истите визии, но и истите предизвици во нашата работа. Без некој притисок, само ќе ги охрабрам да застанат заедно со мене во оваа борба. ОЈО ГОКК во изминатиот период покажа дека може да работи и на исклучително тешки и високопрофилирани случаи, па сметам дека можеме да продолжиме во таа насока со уште посилно темпо, ни изјави обвинителката Хаџи Василева.

Таа посочува дека за сериозна борба со криминалот и корупцијата, потребни се и човечки и материјални ресурси.

–Јасно е дека се потребни ресурси. И човечки и материјални. Тоа неколкупати го истакнува и државниот јавен обвинител. Потребна е дигитализација, модерни и ефикасни финансиски истраги, темелна потрага по незаконскиот капитал. Апсолутно неопходен е интегритет и чесен пристап во работата. Меѓутоа, за позицијата за која аплицирам, многу поважно од тоа што му е потребно на обвинителството е прашањето – како тоа да се постигне. Предлагам реорганизација на работата на ОЈО ГОКК и програма базирана на 4 клучни столба – зголемување на ефикасноста и ажурноста во постапувањето, финансиски истраги и конфискација на имот кои ќе ги демонстрираат резултатите од борбата против корупцијата, зајакнување на капацитетите на обвинителството и неговиот истражен центар, како и конкретни активности за јакнење на транспарентноста и јавната доверба, истакнува обвинителката Хаџи Василева.

Валентина ВУРМО

 

Слични вести