Обилни врнежи од снег во Хрватска

by valentina 08:52
08:52

Хрватска е зафатена од голема промена на времето, при што во Горски котар и дел од северозападниот дел на земјата паѓа снег, додека на крајбрежјето дува силен ветер.

Автопатот во Горски котар е затрупан со снег, поради што на терен интервенира зимската служба, а Хрватскиот авто-клуб (ХАК) објави посебни предупредувања за возачите.

На граѓаните утринава во шест часот им е испратена порака од Цивилната заштита со повик на претпазливост поради обилните снежни врнежи и линк за следење на состојбата, пренесе Индекс.

Зимски услови владеат на дел од патиштата во Горски котар и Лика. На крајбрежјето дува силен ветер, поради што се воведени забрани за одредени категории возила. Целосно е запрен сообраќајот за камиони со приколки и шлепери.

Чистењето и посипувањето на коловозите е во тек на повеќе делници, а на некои патишта сообраќајот се одвива забавено поради присуство на возила на зимската служба.

Возачите се предупредуваат да возат внимателно, да одржуваат безбедно растојание и да не тргнуваат на пат без зимска опрема.

Според прогнозите, денес во Хрватска се очекува нестабилно, ветровито и значително постудено време, особено во внатрешноста. Ќе преовладува облачно време со повремени врнежи од дожд и поројни дождови со грмежи, додека на Јадранот локално се очекуваат обилни врнежи.

Во внатрешноста дождот на места ќе преминува во лапавица, а во планинските предели во снег.

Слични вести