Фондот за здравство и за оваа година го стокми чекмеџето за тоа колку пари ќе добијат двете најголеми приватни болници „Жан Митрев Клиник“ и „Аџибадем Систина“ за кардиохируршки интервенции, што веќе подолг период е тема на пошироката јавност, особено откако кардиологот Сашко Кедев објави шокантна информација, дека за профит се правеле непотребни операции.
Без разлика што и во двете болници повеќето здравствени услуги што се нудат се плаќаат приватно, сепак кардиохируршките интервенции се на фондовска сметка. За таа цел, на годишно ниво се одделува одредена сума пари.
„Фокус“ се обрати до Фондот за здравство за да ги обезбедиме официјалните податоци – колку приватните болници добиле буџет за операции на срце за последната 2026 година.
Според податоците, за тековната година година приватната „Жан Митрев Клиник“ од фондовското ќесе добива вртоглави 9,6 милиони евра буџет, додека пак нивната најголема конкурентска болница „Систина“ околу 9 милиони евра.
Ништо поразлични не се и сумите за ланската 2025 година, па така болницата на Митрев за кардиохируршки интервенции троши 7,8 милиони евра, додека пак болницата на Орце Камчев рекордни 10,4 милиони евра.
Во текот на 2025 година, согласно реализираните услуги финансирани од Фондот за здравствено осигурување, во приватните здравствени установи кои вршат кардиохируршка дејност се реализирани следните интервенции:
Во ПЗУ „Жан Митрев Клиник“ извршени се вкупно 1.216 кардиохируршки услуги, за кои од средствата на Фондот се исплатени 479.872.923 денари
Во ПЗУ „Аџибадем Систина“ реализирани се 1.450 кардиохируршки услуги, со вкупна финансиска реализација во износ од 638.000.000 денари на товар на Фондот.
Податоците кои се однесуваат на ЈЗУ Државна кардиохирургија во моментот се во фаза на финална обработка и усогласување, поради што во оваа фаза не сме во можност да доставиме прецизни и верификувани бројки. Истите ќе бидат достапни по нивното комплетирање согласно редовните извештаи на Фондот“, се наведува во официјалниот одговор од ФЗОМ.
Сепак, како што досега објавивме, според пресметките, во последните 6 години, во касите на двете најголеми приватни болници влегле околу 105 милиони евра за операции на срце и кардиолошки интервенции.
Поточно, од 2019 година наваму, Жан Митрев клиник добиле околу 57 милиони евра, додека, пак, Аџибадем Систина околу 47 милиони евра.
Според приложените податоци, сумите отприлика секоја година се слични, плус, минус некоја цифра.
Во 2023 година, во приватната Систина, на државна сметка се оперирале 1.116 пациенти, за што од Фондот за здравство се одлеале околу 8 милиони евра, додека, пак, во конкурентската болница на Митрев, операција на срце направиле 1.306 пациенти, за што се потрошени речиси 8,9 милиони евра.
Ништо не е поразлична и следната година. Па така, во Систина лани се оперирале 1.100 пациенти, за што од фондовска сметка отишле околу 8,4 милиони евра, а кај Жан Митрев за операција на срце завршиле 1.384 пациенти и таму од државата завршиле 8,3 милиони евра.
„Фокус“ уште од претходно располага и со податоците – колку пари од ФЗОМ завршиле во приватните болници од 2019 година наваму:
„Двете приватни здравствени установи – клинички болници, Аџибадем Систина Скопје и Жан Митрев клиника Скопје имаат склучено договор со ФЗОРСМ за пружање и плаќање здравствени услуги на осигурениците од областа на кардиохирургија и кардиоваскуларната хирургија.
Во 2022 година, пак, надоместокот на Аџибадем Систина беше на исто ниво, а на Жан Митрев клиниката беше 602.000.000 денари, како и во 2021 година.
Во 2020 година, надоместоците беа – за Аџибадем Систина 528.000.000 денари, а за Жан Митрев клиника 682.000.000 денари.
Во 2019 година, надоместокот на Аџибадем Систина бил 443.000.000 денари, а на Жан Митрев клиника 612.000.000 денари“, се наведуваше во официјалниот одговор на Фондот за здравство.
Тоа не се малку пари, со оглед на тоа што овие интервенции се прават и во неколку болници низ државата, а од 2015 година наваму, по години празни ветувања и натегања, конечно профункционира и Државната кардиохирургија.
Ирена МУЛАЧКА