Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска ја реализира втората од најавените три блокади, овојпат пред седиштето на Стопанската комора, каде синдикалците испратија ултиматум до работодавачите – минимална плата од 600 евра и зголемување на сите останати плати за 6.000 денари.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, рече дека протестираат пред газдите на компании кои „избркаа цели наши семејства во странство“.
-Тука сме кај истите оние газди кои одбиваат да ги зголемат платите. Владата веќе кажа дека се договорила со своите вработени, па сега ги остава газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор – рече Трендафилов.
Синдикалците и денеска, како и во вторникот пред зградата на Собранието, протестираа на две локации на кои имаше по 21 работник.
Трендафилов вели дека ова е направено намерно за да се испочитува Законот за јавни собири, но и за да се заштитат работниците од евентуални притисоци и фотографирање од страна на работодавачите.
Присутните побараа од работодавачите да се откажат од дел од сопствениот профит за да им овозможат на работниците достоинствен живот со зголемување на платите.
Иван Пешевски од ССМ додаде дека условите во приватниот сектор се „мизерни“ и повеќе наликуваат на социјална помош отколку на достоинствена заработка.
-Доколку не се одважат и газдите дел од колачот да го дадат на вработените, коишто им го овозможиле во минатото тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади, со шатори, и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме – рече Пешевски.