Практични вештини, AI алатки за продуктивност и способност за брза адаптација – ова се клучните компетенции што денес ги бара пазарот на труд, за кои сè уште постои простор за развој кај младите професионалци. Ова беше една од главните пораки од Генералното собрание на Деловниот совет на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС), каде што претставниците на бизнис секторот и академската заедница отворија директна и суштинска дискусија за квалитетот на кадарот.
Настанот го отвори Ректорката на УАКС, проф. Д-р. Венера Крлиу, која се осврна на актуелностите во високото образование, потенцирајќи дека улогата на компаниите во креирањето квалитетно образование станува сè поважна – не само како работодавачи, туку и како активни партнери во евалуацијата и унапредувањето на студиските програми.
Во тој контекст беше споделена и значајна вест – Факултетот за компјутерска техника и информатика при УАКС се стекна со престижната германска ASIIN акредитација – меѓународно признание кое потврдува дека програмата по компјутерски науки ги исполнува највисоките европски и глобални стандарди. Ова, според УАКС, е јасен сигнал дека домашното образование може да биде конкурентно и на меѓународно ниво.
Резултатите од анкетата меѓу членовите на Деловниот совет дополнително ја продлабочија дискусијата. Компаниите јасно укажаа дека, покрај теоретското знаење, најголем предизвик претставува недостигот од практично искуство и применливи вештини кај младите кадри. Особено се издвојуваат потребите за дигитални и технолошки компетенции, аналитичко размислување, како и комуникација и тимска работа.
Пораката од бизнис секторот беше недвосмислена: студентите треба порано и поинтензивно да се вклучуваат во реални работни процеси.
Одговорот на УАКС на овие предизвици доаѓа преку новата иницијатива, Американскиот Центар за иновации и развој. Наместо класичен пристап, Центарот за иновации е замислен како динамична платформа каде што образованието и бизнисот заеднички ќе креираат решенија – преку применети истражувања и решавање на реални предизвици во економијата, но и преку професионални обуки и заеднички иновативни проекти.
Она што го прави овој Центар за иновации различен, како што беше истакнато, е фактот што зад него стои целокупниот капацитет на Универзитетот – професорскиот кадар, 20-годишното искуство, меѓународните партнерства и инфраструктурата. Но уште поважно, Центарот е поставен како отворена платформа, во која компаниите нема да бидат само корисници, туку активни ко-креатори.
Дискусијата покажа дека иднината на кадарот не може да се гради еднострано. Универзитетите обезбедуваат основа, но вистинската подготвеност се гради преку континуирана интеракција со реалниот сектор.
Со ова генерално собрание, УАКС испрати јасна порака – квалитетното образование побарува динамично партнерство помеѓу академијата и бизнисот, насочено кон создавање кадар кој не само што ќе одговори, туку и ќе ги предводи промените на пазарот на труд.