Неправедно обвинет во „Ровер“, со години, чека отштета за три години, кои без потреба ги поминал во притвор во „Шутка“!

by valentina 19:44
19:44

Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус”, во број 1574, на 3 декември 2025 година.

Пишувала: Валентина ВУРМО

Навршуваат пет години од денот кога беше донесена правосилната ослободителна пресуда за случајот „Ровер“, случај за кој екс министерот за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, и уште петмина обвинети се гонеа за двојното убиство на Маријан Тушевски и Киро Јанев, од далечната 2001 година. Тие поминаа три години во притвор, соочени со долгогодишни затворски казни, поради што државата, по нивното ослободување, требаше да им исплати обесштетување за сите трауми, стресови, но и годините, кои невини ги поминале зад решетки.

Но, и по толку години, поголемиот дел од нив, сè уште немаат добиено ниту денар од државата. Ова обесштетување, за жал, никогаш нема да го дочека Ивица Ристиќ. Тој неодамна почина, и тоа пред лично, или неговото семејство, да добие каков било надомест за грешката на правосудниот систем. Имаше здравствени проблеми и додека беше во притвор, а дополнителниот стрес од судската голгота очигледно си го зема данокот.

Очекувањата беа дека овој случај ќе ја чини државата неколку стотици илјади евра, но засега државата тешко го одврзува ќесето.

БОШКОСКИ НЕ БАРА ОБЕШТЕТУВАЊЕ

Бошковски, во разговор за „Фокус“, потсетуваше дека од самиот старт тврдел дека случајот „Ровер“ е монтиран процес, за кој дури по девет години и стотина судски рочишта, дочекал ослободителна пресуда.

-Во судница, на рочиштата, велев дека случајот е политичко-судски процес. Целта бев јас, да се уништи Љубе Бошкоски, а другите обвинети беа колатерална штета. Обвинението беше карикатура, кое го понижуваше правниот систем, појаснуваше Бошкоски за „Фокус“.

Тој, за овој случај не беше во притвор, бидејќи во тој момент издржуваше затворска казна за случајот „Кампања“, но тоа не значи дека му било сеедно, што толку години му се судело за уште еден предмет и бил соочен со долгогодишна казна затвор. Поради тоа и неговата основа за обесштетувањето е дека му била предизвикана душевна болка, му биле нарешени честа и угледот, меѓутоа, како што сега појаснува за „Фокус“, за овој случај нема никакво барање.

-Мене тие пари не можат да ме направат среќен, поминав 11 години во белосветски зандани. Поважно е тие што се огрешиле пред нас да платат за грешките, со разрешување, велеше Бошкоски.

Тој имаше пофални зборови само за апелационите судии, за кои, како што вели, во она време на режим, имале храброст случајот во два наврата да го вратат од почеток.

-Е, тоа се вистински судии. Тие не дозволија тогашната нарачка од власта да се реализира до крај, заклучува Бошковски.

Случајот „Ровер“ беше еден од најкритикуваните во судската практика, кој воскресна по 11 години од убиството на Тушевски и Јанев. На обвинителството, по една деценија, во 2012 година, конечно, му светна дека нарачател на убиството бил Орце Коруновски, а Бошкоски како тогашен министер за внатрешни работи му бил психолошки помагач, бидејќи му ветил дека нема да ги гони убијците. Останатите, пак, беа обвинети за помагачи на психолошкиот помагач?!

За директни извршители беа обвинети српските и босанските државјани Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ, а за помагачи на Бошкоски се гонеа Зоран Трајковски, Гоце Митровски, Никола Негриевски, Сашо Јовановски и Ивица Ристиќ.

ТРАЈКОВСКИ БАРА 20 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА 1.073 ДЕНА ВО ПРИТВОР

Неуспешно скроениот обвинителен акт, според адвокатите и обвинетите, можеше да го согледа и обичен правен лаик. Без конкретни докази, но со многу имагинација и фантазија, и се разбира со заштитен сведок, спакувани за долгогодишна робија на Бошкоски.

Поранешниот шеф на обезбедувањето на Бошкоски, Трајковски, во периодот на обвинување и притворање беше вработен во МВР. Тој сега бара отштета за секој од 1.073 дена што ги поминал во притвор, но, како што вели, со години нема поместување. Почнат е процес во Граѓанскиот суд, но по три години и одржано едно рочиште, судијката се сменила и добила унапредување во Апелација, а за сега назначената судијка, вели дека очекува таа да се изземе, бидејќи работи по спорови од мала вредност, а, како што потенцира, тој инсистира државата дебело да си плати за грешките.

Трајковски појаснува дека бара 20 милиони денари обесштетување, или 325.000 евра. Поголемиот дел од сумата е обесштетувањето за времето, кое на правдина го поминал во притвор, а тука ја пресметал и штетата што ја претрпел бидејќи во тој период останал без 37 плати од МВР

-Сум одлежал речиси 36 месеци невин во притвор и има да платат за секој ден! Нѐ одделија од семејството, ми починаа родителите, останав без плата, добивме стресови и трауми, ни изјави Трајковски, кога ја дочека ослободителната пресуда.

Тој подоцна беше вратен на работното место во МВР, но сега веќе со години го чека обесштетувањето.

Меѓу обвинетите беше и Гоце Митровски, исто така вработен во МВР. Овој случај му ја извалка 22-годишната импресивна полициска кариера. Тој го расчисти убиството на скопјанката Сандра Китаноска, која беше ограбена, силувана и убиена од бездомникот Дино Диновски, кој подоцна беше осуден на доживотен затвор.

И тој за „Фокус“ сведочеше дека со овој случај доживеал голема неправда, да одговара за нешто што не го направил. По ослободителната пресуда, сепак беше вратен на работа во МВР.
Тој уште на нашата средба во 2015 година ја предвиде разврската.

-Правдата е бавна, ама стигнува. Крајот секако ќе биде со ослободителна пресуда, само прашање е колку од животот ќе ми биде уништен и неповратно одземен, полн со страдање и болка, велеше Митровски.

ПО ГРЕШКА ПОМИНУВААТ МЕСЕЦИ ВО ПРИТВОР

Но, невини зад решетки не завршиле само неправедно обвинетите за „Ровер“. По десетина граѓани годишно, по грешка на правосудниот систем, ја доживуваат истата судбина, и тоа во притворски услови, каде што условите се најлоши. Откако ќе ја докажат невиноста, почнуваат нова правна битка за надомест на траумите што ги преживеале.

Според Законот за кривична постапка, во вакви случаи, оштетениот треба прво да се обрати до Министерството за правда, со цел да се постигне спогодба за видот и висината на отштетата. Ако барањето за надомест на штета не биде усвоено или, пак, Министерството не донесе одлука, оштетениот има право да поведе граѓански спор пред надлежниот суд.

Правниците објаснуваат дека со тужбата, граѓаните имаат право на материјална отштета, која најчесто се однесува на изгубени дневници, плата, и на нематеријална, како надомест за нарушен углед или за претрпена душевна болка.

Адвокатите посочуваат и дека судиите најчесто ги бројат деновите, но, според нив, тоа е погрешно, бидејќи некој што поминал и само неколку дена во притвор, можеби доживеал поголеми здравствени проблеми или семејни и професионални штети.
Според судската пракса, од изминатите неколку години, еден ден зад решетки најчесто се одмерува од 50 до 100 евра.

Според една од пресудите, донесена годинава, маж што поминал 142 дена неосновано во притвор, добил обесштетување од 568.000 денари (9.235 евра) или по 4.000 денари од ден.

„Поради неоснованото лишување од слобода и притвор, тужителот претрпел душевен болка манифистирана со јак интензитет првите два-три дена, односно кога дознал дека е обвинет, додека се наоѓал во притворот во затворот во Куманово и истата траела додека бил во притвор. По укинувањето на притворот, душевната болка кај тужителот била со среден до слаб интензитет, се наведува во пресудата донесена од Апелација Штип.

Инаку овој обвинет, кој се гонел за поседување и продажба на дрога, а потоа бил ослободен, барал да му се исплати обесштетување од 1,2 милиони денари или по 8.450 денари од ден, период кој без негова вина го поминал во притвор, но добил половична сума.

Обесштетување од 4.550 евра, или по 47 евра од ден за куќен притвор, добил обвинет од Гевгелија, кој работел во Министерството за земјоделство. Неговиот кривичен прогон за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ запрел поради застарување на делото. Сепак овој жител на Гевгелија, повикувајќи се на праксата од Судот за човекови права во Стразбур, барал да му бидат исплатени по 105 евра од ден, или вкупно 10.250 евра за трите месеци кои ги поминал во притвор.

„Додека бил во домашен притвор, му се навраќале спомените кога бил уапсен. Многу непријатно се чуствувал пред неговите родители, да објаснува за нешто за што не е виновен. Му бил нарушен угледот, најпрво пред неговата сопруга и пред родителите, кое дополнително психички го оптоварувало, како и пред колегите од работа, соседите и пријателите, кои го познавале како мирен и чесен човек“, пишува во пресудата.

Под обвинение за дрога бил притворен и штипјанец, за кој, откако судскиот процес запрел и тој е прогласен за невин, почнала борбата за надомест на штета. Тој во притвор поминал дури 177 дена, за што барал државата да го обесштети со речиси 11 милиони денари или 177.000 евра, што би дошло по 1.000 евра од ден.

Покрај душевните страдања и болки, во пресудата се истакнува дека додека штипјанецот бил во притвор, починала неговата мајка.

„Додека бил во притвор, неговата мајка починала и за нејзиниот погреб не му било дозволено да присуствува на истиот“, се наведува во пресудата.

Од Министерството за правда го упатиле оштетениот правата да си ги бара пред надлежен суд, од каде што му е утврдено многу помало обесштетување од бараното, односно 14.400 евра или 81 евро од ден.

ЗА „СОПОТ“ ОТШТЕТА ОД 1,2 МИЛИОНИ ЕВРА

Пред некоја година, од државното чекмеџе се одлеаја и 1,2 милиони евра за обесштетување на 11 неправедно осудени за случајот „Сопот“. Овие граѓани поминаа една деценија зад решетки, а откако СЈО го презеде случајот, ги прогласи за жртви, односно го повлече обвинението.

Истиот товар во 2014 година му падна од рамениците и на Сејди Рами, кој во притвор помина повеќе од 2 години, или точно 750 дена. Тој, исто така, како обвинет во „Монструм“, доби ослободителна пресуда, бидејќи судот не пронајде цврсти докази што укажуваат на негова вина.
За сето она што го преживеал, овој скопјанец од државата побара 5,1 милиони евра отштета, но првостепениот суд му одреди вкупна сума од 65.040 евра, или по 87 евра од ден

По 100 евра од ден доби и поранешниот претседавач на Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ, како обвинет во случајот „Машинопромет“, поради што заврши 8 месеци во притвор. Тој не беше задоволен од сумата и се жалеше на Апелација, бидејќи бара државата да му исплати 1 милион евра за тоа што го преживеал.
Но, од Апелација доживеа нов шок. Наместо поголема сума, доби намалување, па, наместо по 6.000 денари, доби 5.000 денари од ден.

И покрај сериозните обвинувања со кои се соочи Шиповиќ и неговиот брат, мерките притвор, починат сведок во судница, случајот „Машинопромет“ се урна како кула од карти, односно финишираше со повлекување на обвинението.

Повисоко обесштетување, од вобичаениот просек, според судската пракса до која дојдовме, првично доби Зоран Верушевски, поранешниот разузнавач и екс советник за безбедност на премиерот Зоран Заев, како еден од обвинетите во случајот „Пуч“.
За времето што го помина зад решетки, односно 334 дена во истражниот затвор „Скопје“, судот извага дека треба му ги надомести со 125 евра од ден, или вкупно државата да му исплати над 42.000 евра. Но, незадоволен од висината на обесштетувањето, бидејќи Верушевски барал 67.000 евра, правдата ја побарал пред Врховниот суд. Но, наместо поголема сума, тој добил уште помала од првично досудената. Па така, највисокиот суд решил дека треба да му се исплати штета од 28.000 евра, или по 84 евра од ден.

Обесштетување за неправедно притворени во „Пуч“ бараат и Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, свиркачите што го открија масовното нелегално прислушување во УБК. Тие најпрво биле одбиени од Министерството за правда, каде што барале да се спогодат со државата, па затоа правдата ја бараат на суд. Лазаревски помина 329 дена во притвор, а Костовски зад решетки беше 420 дена.
Наместо бараните 160 евра, Лазаревски доби 75 евра, или вкупна сума од над 24.000 евра.

Колку за споредба, пред две години, по само 41 евро од ден, пак доби полицаецот Саки Веселоски, кој беше обвинет во случајот „Милка“. Тој во притвор поминал дури 16 месеци, а судот одлучил траумите да му ги залечи со 20.000 евра.
Сите оние кои на правда поминале и неколку дена во притвор се согласни дека ниту една сума не може да им го врати времето или да им ги избрише трамуите, но, сепак, им претставува барем некаква сатисфакција дека на крајот тие го поразиле системот.

МИЛИОНИ ОД БУЏЕТОТ ЌЕ СЕ ОДЛЕАТ И ЗА „ЗМИСКО ОКО“ И „ИЗГРЕВ“

За наплата веќе стигнуваат трошоците и од маратонскиот предмет „Змиско око“, кој во судските лавиринти беше заглавен 16 години, а опфаќаше над 70 обвинети. За дел, голготата заврши со ослободителни пресуди, а за дел кривичниот прогон застари.

Неодамна, по дури 17 години низ судските лавиринти, и на случајот „Изгрев“ конечно му се гледа крајот. На обвинетите неодамна им се раздени, бидејќи поголемиот дел од 15-те обвинети дочекаа ослободителна пресуда од Апелација, а тројца од Кривичниот суд, а на државата најверојатно ќе ѝ се стемни, бидејќи ќе треба да им исплати милионска отштета за сите трауми што ги преживеале низ годините, а ќе треба да ги подмири и адвокатските и судските трошоци.

Слични вести