Кирил Темков, еден од најпознатите интелектуалци во Македонија, филозоф и етичар, почина денеска во Скопје на 82 години.
Генерации студенти на Филозофскиот факултет ја стекнаа својата наобразба под менторството на Темков, кој им претставуваше, па дури и всадуваше што значи етиката – како во професионалниот ангажман, така и во личниот живот.
Како филозоф и етичар, Темков беше ценет и надвор од Македонија, особено во регионот. Неговиот интерес за музиката, особено џезот, поттикна илјадници да го засакаат овој жанр. Беше поборник за воведување на предметот Етика во училиштата, а според неговите учебници се изведува наставата по Етика во основните и средните училишта во земјава.
Роден во Кавадарци во 1943 година, студирал во Белград и Скопје, дипломирал во 1968 година и докторирал филозофија во 1982 година на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Беше асистент, предавач, вонреден и редовен професор по предмети како Етика, Естетика, Филозофија на менаџментот, Филозофија на политиката, Еколошка етика, Биоетика, Менаџерска етика, Педагошка етика и Филозофија на образованието при Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје.