Не се назначени потпретседатели за да има фер услови во трката за иден лидер на ВМРО-ДПМНЕ, вели Ковачки

by irena 20:50
20:50

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, доби апсолутно мнозинство на Конгресот минатата година и легално и легитимно е во периодот што следува да создаде фер услови за фер трка за иден лидер на партијата, изјави новиот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.

Во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител, Ковачки појасни дека не станува збор за укинување на позициите на потпретседателите на партијата, туку дека во моментов не се врши назначување на нови.

„Тоа е негова одлука и ние ја почитуваме и ја поддржуваме. Сметам дека сите приказни што се плетат во јавноста се целосно непотребни. Не се укинуваат тие позиции – напротив, поранешните потпретседатели се членови на Извршниот комитет, тело кое е директно под претседателот, каде што се дискутира и се носат политиките на партијата“, истакна Ковачки.

Според него, во новиот состав на Извршниот комитет има промена од 20 до 25 проценти.

„Станува збор за спој на искуство и свежина – луѓе со различни портфолија, со искуство и во извршната и во законодавната власт, но и помлади кадри кои носат нова енергија и ќе му помогнат на претседателот во реализацијата на партиските политики“, рече Ковачки.

Тој најави дека новиот Извршен комитет ќе ја одржи својата прва седница во текот на идната недела.

„Пред нас се распишување огласи за претседатели на општинските комитети, реорганизација и кадровско освежување на партијата, како и подготовка за идните парламентарни избори. Наесен планираме ажурирање на членството и отворање на партијата за нови кадри, кои ќе донесат свежина, особено во делот на новите процеси што следуваат“, додаде Ковачки.

Тој нагласи дека фокусот е ставен на јакнење на кадровскиот потенцијал за идните парламентарни избори, кои, според него, нема да бидат предвремени, туку редовни.

Слични вести