НАТО: Русија станува сè понепромислена, опасноста е јасна

by irena 16:21
16:21

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предупреди дека Русија станува „сè понепромислена“, откако Германија официјално ја обвини Москва за нападот со дрон во Лајпциг.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека инцидентот претставува „нова ескалација на територијата на Европската унија“ и најави дека ЕУ и НАТО не само што ќе продолжат со притисокот врз Русија, туку и ќе го засилат.

Руте и Фон дер Лајен ѝ се обратија на јавноста по одлуката на германските власти официјално да ја посочат Русија како одговорна за обидот за напад со дрон во Лајпциг минатиот месец.

Руте изјави дека сојузниците се обединети кога станува збор за колективната одбрана, а потоа упати сериозно предупредување поради, како што рече, сè поопасното однесување на Москва.

„Русија станува сè понепромислена“, рече Руте.

Тој укажа на зголемениот број инциденти на источното крило на НАТО, но и на активностите за кои Алијансата тврди дека се директно насочени против нејзината територија.

„Гледаме сè повеќе дронови и ракети како навлегуваат во нашиот воздушен простор долж источното крило, создавајќи сè поголем ризик. Исто така, забележуваме зголемување на злонамерните активности директно насочени кон нашата територија, без разлика дали станува збор за подметнување пожари во фабрики што произведуваат одбранбена опрема за Украина или за рускиот хибриден напад во Лајпциг“, рече Руте.

Генералниот секретар на НАТО изрази солидарност со Германија и оцени дека „опасноста што ја претставува Русија е јасна“, додавајќи дека Алијансата континуирано работи на заштита на населението на своите земји-членки.

Уште поостра порака упати претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која инцидентот во Лајпциг го опиша како напад извршен со воени средства на територијата на Европската унија.

Според неа, доколку нападот бил успешен, можел да предизвика голема материјална штета, како и човечки жртви.

„Сакам да бидам многу јасна за тоа што беше ова. Тоа беше напад во кој беше користен материјал со воени карактеристики, извршен од руски оперативци на територијата на Европската унија. Тоа нема да го толерираме. Целосно солидарно застануваме зад Германија“, рече Фон дер Лајен.

Таа додаде дека обидите за заплашување на Европа поради нејзината поддршка за Украина нема да го дадат посакуваниот резултат.

„Ако намерата беше да нè натераат двапати да размислиме за поддршката на Украина, можам да ви кажам дека тоа само дополнително ја зајакна мојата решеност. Заплашувањето нема да успее“, рече таа.

Фон дер Лајен оцени дека нападот во Лајпциг „претставува нова ескалација на тлото на ЕУ која директно ѝ се припишува на Русија“.

Претседателката на Европската комисија предупреди дека случајот во Лајпциг не треба да се гледа изолирано, туку како дел од поширока шема на сè поопасни инциденти.

Таа ги наведе повторените нарушувања на европскиот воздушен простор, дроновите што ги парализираа аеродромите и попречувањето на критичната инфраструктура.

„Европјаните се соочени со суровата вистина дека ова е нова реалност. Мораме да ги засилиме нашите напори, а тоа значи да бидеме подготвени побрзо и подобро да одговориме на руското безобѕирно однесување“, рече Фон дер Лајен.

Таа изјави дека Европската унија ќе застане зад секоја земја-членка што ќе биде цел на Русија.

„Европа и НАТО не само што ќе го одржуваат притисокот врз Русија, туку и ќе го зголемат“, нагласи таа.

Слични вести