Тринаесет членови на екипажот се спасени, додека едно лице сè уште се води како исчезнато по нападот врз трговски брод во близина на брегот на Оман, во Ормускиот Теснец, соопштија индиските власти.
Индиското Министерство за надворешни работи го осуди нападот врз трговскиот брод „МТ Ел Гаја“ (MT El Gaia), наведувајќи дека во моментот на инцидентот на него имало 14 индиски државјани. Тринаесет од нив се спасени, додека потрагата по последниот член на екипажот продолжува.
„Нашата амбасада во Оман внимателно ја следи ситуацијата и активно се координира со оманските власти во тековната операција за пребарување и спасување. Им благодариме на оманските власти за поддршката при спасувањето на нашите државјани“, соопшти Министерството.
Њу Делхи повика на итно намалување на тензиите и решавање на кризата преку дијалог и дипломатија, оценувајќи дека нападите врз трговски бродови, поморци, цивили и цивилна инфраструктура во регионот се неприфатливи.
Од индиското Министерство побараа и итно воспоставување слободна и безбедна пловидба, како и непречено одвивање на трговијата низ меѓународните пловни патишта во регионот.
Организацијата за поморски трговски операции на Обединетото Кралство (UKMTO) претходно соопшти дека брод што пловел низ Ормускиот Теснец бил погоден од неидентификуван проектил.
Во првичното соопштение немало информации за состојбата на екипажот, степенот на оштетување на бродот или евентуалните последици врз животната средина.
Поморските власти информираа дека случајот се истражува и ги повикаа бродовите што пловат во регионот на зголемена претпазливост и пријавување на секоја сомнителна активност.
Сообраќајот низ Ормускиот Теснец останува значително намален во споредба со периодот пред избувнувањето на конфликтот меѓу САД и Иран во февруари годинава, поради безбедносните ризици и нападите врз комерцијални бродови во регионалните води.