195
,,За да постои, на македонскиот народ не му треба ваша дозвола, а за да го признаете тоа, вам ви треба чесност, интегритет и храброст“, им порача на бугарските европратеници, европратеничката Ирена Јовева од Словенија, која има македонско потекло.
,,Слушнете ме внимателно, колеги. Овој извештај е извештај за европскиот пат на една земја-кандидат, пат полн со премногу трње и пат на еден народ, кој толку многу пати бил понижуван и угнетуван, но сепак е подобaр од многу кои се во Унијата, со сета должна почит кон исклучоците. Овој извештај не е извештај за постоењето на македонската нација, македонскиот јазик или македонскиот идентитет. Иако овој дел од текстот во извештајот не ме загрижува, нема да гласам за негово бришење.
Сепак морам да бидам фер и да му порачам на македонскиот народ: знам дека боли, особено мене, но не се согласувајте со политичкиот наратив кој ќе ви кажува дека Европскиот парламент со тоа ви го одзел идентитетот или јазикот, бидејќи тоа не е вистина. На оние кои го велат токму тоа, бидејќи сакате сè освен правда, ви велам дека македонскиот јазик е автентичен. Вашите обиди се модерна фикција. Идентитет кој преживеал векови, нема да исчезне поради еден глас или вашето лобирање. Ќе продолжи да постои како македонски јазик“, рече Јовева во своето обраќање во Европскиот парламент на дебатата за Извештајот за напредокот на земјава кон ЕУ.
Таа претходно и преку Фејсбук испрати пораки поврзани со Извештајот во кој се прави обид македонскиот јазик да биде опишан како ,,модерен“ јазик.
,,Многу добро разбирам дека политиката е прашање на компромиси, кои не се нужно секогаш најдобри. Ја разбирам и емоционалноста до која доаѓа кога станува збор на одредени теми. Но никогаш нема и не сакам да разберам како европските институциии можат толку лесно да станат простор каде – под изговор на парламентаризам, па и на европеизација – цветаат националистички ревизионистички идеи. Простор каде што институционалната моќ се користи за еднострани обиди на промени не само на минатото, туку дури и на сегашноста. Или модерноста, ако сакате. Дали навистина секогаш мораме да бираме страни? Добро, ајде, пак ќе бираме страни. Еве, јас ја бирам страната каде што идентитетот на нацијата е оставен на мир. Каде што јазикот на нацијата е оставен на мир“, порача Јовева.