Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, како дел од делегацијата предводена од премиерот Мицкоски, вчера и денес престојува во работна посета на Брисел.
Тој најави дека Мицкоски, заедно со лидерите од регионот и претставниците на Европската Унија, ќе разговараат за низа конкретни иницијативи во рамки на процесот на постепена евроинтеграција.
Ги посочи приклучувањето кон СЕПА, партнерството за безбедност и одбрана, иницијативата за укинување на роамингот и други слични проекти, преку кои граѓаните директно ги чувствуваат придобивките од европскиот процес.
Во изјава за националниот сервис, Муцунски истакна дека, според оценките на Европската Унија, Владата по завршувањето на локалните избори покажала сериозна посветеност во спроведувањето на клучните реформи од реформската агенда.
„Во моментов, веќе има повеќе закони во собраниска процедура, примарно насочени кон борбата против корупцијата, зајакнување на владеењето на правото и реформата на правосудството, како и други законски и подзаконски акти поврзани со реформската агенда, чие носење е поздравено од Европската Унија“, рече Муцунски.
Додаде дека позитивни оценки за Владата од страна на ЕУ се добиени и во областа на економијата и образованието, при што највисоката оценка е забележана во делот на надворешната политика, односно усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.
„Нашето место е во Брисел, нашето место е како полноправна членка на Европската Унија. Жално е што во изминатите години се соочуваме со билатерални блокади“, нагласи Муцунски.