Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, е пуштен од притвор откако Основниот кривичен суд Скопје ја прифати понудената гаранција од над 1,15 милиони евра.
Од Кривичниот суд информираат дека гаранцијата е обезбедена со хипотека врз недвижен имот, а како мерка на претпазливост на Сејдини му е одземена патната исправа.
Сејдини беше во притвор од 24 април годинава, поради опасност од бегство и можност за влијание врз сведоци. Откако одбраната побара укинување на притворот со гаранција, а Обвинителството даде позитивно мислење, судот го прифати предлогот.
„Решението стана правосилно, бидејќи против него не беше поднесена жалба, по што осомничениот е пуштен да се брани од слобода“, соопштија од Кривичниот суд.
Сејдини е осомничен за кривичното дело проневера во службата бидејќи, според наводите на Обвинителството, во периодот од ноември до декември 2024 г., како претседател на ФФМ, стекнал противправна имотна корист од 660 илјади евра за скопска компанија, а сомнежите се дека злоупотребата настанала при користење средства од програмата на УЕФА наменети за изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид.