Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање истакна дека СДСМ не е против воведувањето на системот „Сејф сити“ од аспект на безбедноста, но дека во актуелното законско решение постојат сериозни и суштински прашања кои мора да се прецизираат.
„Законот што се однесува на проектот ‘Сејф сити’, со кој се регулира дел од сообраќајот и се намалува ризикот од сообраќајни несреќи, во тој сегмент апсолутно го поддржуваме. Меѓутоа, постојат важни работи за кои мора да се разговара“, изјави Филипче.
Тој посочи дека при донесувањето на вакво решение мора да се земат предвид економската состојба во државата и животниот стандард на граѓаните, особено кога станува збор за висината на казните. Дополнително, како клучно прашање го нагласи начинот на управување и контролата врз податоците што ќе ги собира системот.
„Мора да се зборува и за тоа што и кој ќе ја контролира огромната количина на податоци што ги собира системот ‘Safe City’“, рече Филипче.
Во тој контекст, тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ, како партија на власт, има историја на злоупотреба на безбедносните служби и податоците на граѓаните.
„Станува збор за влада на ВМРО-ДПМНЕ која има сериозна историја на следење и прислушување на граѓаните. Не сме комотни вакво решение да помине без широка собраниска дебата. Се сомневаме дека тие податоци може да се злоупотребуваат за тесни партиски цели“, истакна Филипче.
Тој најави дека СДСМ ќе инсистира на расправа во Собранието токму за овие прашања – економскиот товар врз граѓаните и заштитата на личните податоци.