Моника Зајкова ќе биде потпретседателка на Парламентарното собрание на ОБСЕ

by irena 19:47
19:47

Македонија ќе има свој претставник во највисокото раководство на Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), откако пратеничката и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова, беше избрана за потпретседателка на организацијата на годишната сесија што се одржа во Хаг.

Зајкова ја доби поддршката од парламентарните делегации на 57 земји членки на ОБСЕ од Европа, Северна Америка и Централна Азија, победувајќи ги кандидатите од Полска, Франција и Словенија.

По изборот, таа оцени дека станува збор за значајно меѓународно признание, не само за неа и за Либерално-демократската партија, туку и за Македонија.

„Ова е успех за сите мои сограѓани. Во Хаг покажавме дека можеме рамноправно да се натпреваруваме со претставници на најмоќните демократии во светот. Треба повеќе да веруваме во сопствените капацитети и во тоа што Македонија може да го понуди на Европа и светот“, изјави Зајкова.

Таа им се заблагодари на членовите на македонската парламентарна делегација и на сите што ја поддржаа нејзината кандидатура, истакнувајќи дека во претстојниот мандат ќе се фокусира на унапредување на парламентарната дипломатија, зајакнување на демократските институции, човековите права и безбедносната соработка во рамките на ОБСЕ.

Слични вести