Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Собранието одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Скендер Реџепи порача дека нема да има уставни измени сè додека не бидат исполнети најмалку два услова – загарантирани права за македонската заедница во Бугарија и гаранција од Европскиот совет за македонскиот народ и држава дека тоа ќе биде последната отстапка и дека веќе нема да има нови билатерални вета, омаловажувања, понижувања и опструкции од кој било од субјективни причини, нови придавки и додавки поврзани со Македонија и македонскиот идентитет.
Тој побара поддршка од сите политички субјекти повикувајќи ги пратениците да донесат заедничка резолуција.
„Вие треба да нè поддржите. Замолувам да нè поддржите зашто сè додека имате ваков став, некој таму ќе гледа дупка овде и ќе речат „таму има меко ткиво, пушти го овој Мицко што зборува, тој ќе биде уште неколку години премиер и ќе си оди, па ќе дојде некој, ќе најдеме меко месо и ќе ја протуркаме работата“. Тоа не е добро однесување и треба сите заедно да донесеме резолуција во која ќе имаме еден државнички став дека без овие два-три процеси минимум нема да правиме какви било отстапки во иднина за која било тема. Некогаш мора да се покаже карактер. Во спротивно, ќе бидете мивка, а тие лошо завршуваат порано или подоцна. Затоа, Реџепи, ве замолувам, заедно со колегите тука, да донесете резолуција во која ќе ги дефинирате вистинските принципи“ рече премиерот.
Пратеникот Скендер Реџепи предложи да се донесе резолуција, со која, како што рече, ќе биде заштитен македонскиот јазик.
– Ние ќе направиме да има резолуција и по неа да одиме со уставни измени зашто од одлуката што ќе ја донесат Владата и Собранието зависи иднината на граѓаните – рече Реџепи.