Средби на ултра високо ниво во рамки на Сенатот, Конгресот и Стејт департментот, со претставници на финансиската институција ДФЦ, со државници и со влијателни тинк-тенк организации, најави вечерва премиерот Христијан Мицкоски кој утре со владина делегација заминува во посета на Соединетите Американски Држави (САД).
Мицкоски ќе престојува во Вашингтон, но ќе учествува и на годинашното собрание на Обединетите Нации во Њујорк. Како што информира, до овој момент нема во план за средба со бугарската делегација.
„ДФЦ се тука присутни преку својата инвестиција во проектот Крстодол или Антимон, познат во јавноста. Има од нивна страна пројавено интерес и за други проекти во делот на енергетиката и напредната технологија, така што сакам подлабоко да ги понудиме нашите капацитети. Исто така, со компании од воената индустрија кои сакаме да ги привлечеме да дојдат тука, кај нас. Во фаза сме на изработка нов закон со Министерството за одбрана, да го понудиме нашиот тренинг полигон Криволак, зашто чувствуваме дека на тој начин можеме да имаме уште побрз и уште подинамичен раст на економијата. Понатаму, средби со влијателни тинк-тенк организации и потоа се селиме во Њујорк“, рече Мицкоски во вечерашното гостување во дневникот на МТВ.
Во Њујорк, нагласи, на маргините на годинашното Генерално собрание на ОН, ќе се сретне со голем број државници.
„Имаме веќе потврдени средби. Во принцип, се ориентиравме на соседството, се разбира, тука е оној прием, нормално, од страна на претседателот на Соединетите Американски Држави. Ќе се обидеме да имаме билатерални средби и со земји од Заливот, каде што цениме дека треба да градиме добри и солидни партнерски врски. Инаку, што се однесува на состанок со бугарската делегација, до овој момент немаме во план таква средба“, рече Мицкоски.
Прашан со каков став ќе настапи македонската делегација на средбата на лидери од Западен Балкан што за време на генералните собранија вообичаено ја организира делегацијата на Европската Унија во Њујорк во однос на условите на Бугарија за промена на Уставот и позицијата на Македонија за гаранции, Мицкоски кажа дека „оваа Влада води јасна политика без да прави какви било естрадни потези“.