Текстот е објавен на 24 октомври 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.568.
ВМРО-ДПМНЕ веќе се доживува како убедлив победник на локалните избори, со оглед дека освои над двојно повеќе гласови на советничките листи во споредба со СДСМ и го подобри сопствениот резултат од пред 4 години, а по вториот круг се очекува да освои десетина градоначалници повеќе од сегашните 42. Сепак, партијата бележи пад од над 100.000 гласови во споредба со ланските парламентарни избори. Што се однесува до СДСМ, партијата продолжи да бележи пад, имајќи предвид дека на советничките листи освои помалку гласови и од претходните локални и од минатите парламентарни избори. Инаку, во главниот град, Левица стана втора македонска партија, поради што се прогласи за лидер во опозиција, независно што на државно ниво многу заостанува зад СДСМ и постигна послаб генерален резултат во однос на ланските избори. Во албанскиот блок, пак, коалицијата НАИ предводена од ДУИ освои околу 22 илјади гласа повеќе од ВЛЕН на советничките листи, што е далеку од проектираните очекувања и најави дека ќе победат со 2 или 3 спрема еден. На крајот, НАИ постигна минимална математичка победа, но тоа е пораз во политичка смисла, бидејќи ДУИ имаше поддршка од цела Алијанса за Албанците, а ВЛЕН неодамна беше поделен. Згора на тоа, ВЛЕН победи во најголем број од мнозинско албанските општини, вклучително и во Чаир и во Тетово, и тоа самостојно – без коалициска поддршка. Сето тоа го отвора прашањето за иднината на опозицијата.
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
По завршувањето на првиот круг од локалните избори, чиј исход ја одредува динамиката и навестува како генерално ќе заврши вториот изборен круг, сите политички партии се прогласија за победници, со таа разлика што некој тоа го правеше врз база на проста математика, собирајќи и споредувајќи гласови, а друг врз основа на политичката тежина на резултатите што ги остварија во одредени средини.
Истовремено, ако се погледне во поширока смисла, сите политички структури имаат и причина за загриженост, бидејќи бележат надолен тренд во споредба со претходни изборни циклуси, или, пак, нивниот изборен резултат беше далеку послаб од проекциите што самите јавно ги изнесуваа во предизборниот период.
На тој начин, овие избори за нова локална власт направија ем победници ем губитници, зависно од перспективата на гледање. Иако бројките се бројки и не можат да се менуваат, сепак, тие може да се адаптираат и да се стават во различни конотации, се разбира, од интересот на оној што ги интерпретира изборните резултати.
Затоа, ќе се обидеме да направиме сеопфатна анализа на овие избори, но и на тенденциите од претходните избори. Ако треба да се изведе краток заклучок, може да се каже дека ВМРО-ДПМНЕ е убедлив победник во математички поглед, ВЛЕН е победник во политички поглед, а Левица стана втора политичка сила пред СДСМ во Скопје, што ја отвора темата за идните разврски во опозицијата, пред сè во коалицијата НАИ предводена во ДУИ.
СПОРЕДБА СО ПРЕТХОДНИ ИЗБОРИ
Ако се земе предвид апсолутниот број гласови за листите за советници, според резултатите објавени од Државната изборна комисија, најмногу гласови освои ВМРО-ДПМНЕ, 301.720. Потоа следуваат СДСМ со 125.758 гласови, ДУИ т.е. НАИ со 114.246 гласови, ВЛЕН со 91.974 гласови, Левица со 57.041 гласови, ЗНАМ со 38.392 гласови, коалицијата на ГРОМ и ЛДП со 13.096 гласови итн.
Ако се гледаат исклучиво овие избори, тогаш убедлив победник е ВМРО-ДПМНЕ, не само поради тоа што освои над двојно повеќе гласови од главниот ривал СДСМ на советничките листи, кои се сметаат за еквивалент на партиската поддршка, туку освои и најголем број градоначалници. Поточно, ВМРО уште во првиот круг доби над 30 градоначалници, вклучително и прв човек на Струмица по 20 години, а се очекува по завршувањето на вториот круг да има над 50 градоначалници.
Доколку се направи компарација со претходните локални избори во 2021 година, ВМРО-ДПМНЕ на овие избори го подобри резултатот и ја зголеми концентрацијата на моќ на локално ниво, бидејќи освои околу 10.000 гласа повеќе на советничките листи, а се очекува да освои десетина повеќе од моменталните 42 градоначалници. Но, ако се направи споредба со ланските парламентарни избори, тогаш произлегува дека владејачката партија освоила околу 135 илјади гласа помалку на овие избори.
Иако точно е дека локални се споредуваат со локални избори, а парламентарни со парламентарни избори, сепак, по завршувањето на овој изборен циклус, ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да направи анализа, не само за причините за растот од локални до локални избори, туку и за падот од парламентарните до локалните избори. Дали тоа се должи на објективни причини и специфични околности или на потфрлување поради неисполнување на очекувањата на граѓаните?
ПРИЧИНИ ЗА ПАДОТ НА ПОДДРШКАТА
Во овој сегмент, се наметнуваат повеќе потпрашања: дали падот на ВМРО-ДПМНЕ, како и на сите партии, е резултат на понискиот одѕив и на расцепканите коалиции; на фактот што победниците во голем дел беа однапред познати и немаше политичка поларизација, што автоматски резултираше и со помала мобилизација; на намалена доверба во изборниот процес, од причина што многу граѓани се скептични кон големите партии, но не гледаат соодветна алтернатива кај помалите партии?
Инаку, нема дилеми дека ВМРО-ДПМНЕ не можеше на овие избори да го повтори ланскиот резултат. Прво и основно, лани ВМРО-ДПМНЕ доби референдумска поддршка, пред сè поради големото незадоволство од начинот на владеење и однесување на владата на СДСМ и ДУИ. Едноставно, големо мнозинство граѓани го доживеаја СДСМ како подреден кон арогантниот и корумпиран партнер ДУИ, а таквиот револт се канализираше преку масовна поддршка за ВМРО-ДПМНЕ.
На овие избори, нема таков тип на мотивација во македонскиот блок, бидејќи веќе СДСМ и ДУИ се во опозиција. Второ, по големата победа на парламентарните избори, ВМРО-ДПМНЕ е во налет и влезе како голем фаворит на овие локални избори, што создаде чувство дека победникот е однапред познат. А, кога нема никаква неизвесност и тензија, т.е. кога изостанува мртва трка меѓу две страни, тоа резултира со помал одѕив, бидејќи голем дел од граѓаните сметаат дека нивниот глас е безвреден и ништо нема да промени.
И трето, локалните избори обично се шанса и за самостоен настап на „помали“ партии и структури, кои на парламентарни избори главно настапуваат во коалиција со големите партии. Така, на овие локални избори, свои листи во некои општини имаа ДПС, ДС и многу мали десни партии, кои дополнително го намалија вкупниот резултат на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Слично беше и со СДСМ, која во споредба со ланските парламентарни избори, сега настапи без ЛДП, ВМРО-НП, ПП…
СИГУРНА БАЗА НА ВЕРНИ ГЛАСАЧИ
Како последно, вреди да се напомене дека сигурно има и одредено незадоволство од ВМРО-ДПМНЕ во оваа година и пол владеење, бидејќи дел од граѓаните имаа поголеми очекувања, пред сè, во борбата против криминалот и корупцијата. Не случајно тоа го признаваат и од самата власт, чии претставници најавуваат дека по изборите ќе покренат силна акција за зајакнување на правната држава, што подразбира и длабока реформа на правосудниот систем.
Кога ќе се соберат сите овие елементи, јасно беше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има помалку гласови во однос на ланските избори, но падот беше поголем од очекувањата на самата партија. Имено, партискиот лидер Христијан Мицкоски предизборно изјави дека очекува 350 илјади гласа на советничките листи, при што говореше дека тоа е конзервативна проценка и дека не би се изненадил ако бројот на освоени гласови почнува со четворка. Но, за малку можеше да се случи да почнува и со двојка.
Во секој случај, кога ќе се направи ретроспектива, на овие избори, ВМРО-ДПМНЕ успеа да ја извади базата гласачи на која се потпира многу години. За потсетување, кога партијата беше во најтешка ситуација, како на пример по војната во 2001 година и по аферата со прислушувањето и „крвавиот четврток“ во 2015-2016 година, ВМРО освојуваше околу 300 илјади гласови на парламентарните избори во 2002 година во време на Љубчо Георгиевски, како и на локалните избори во 2017 година во време на Никола Груевски.
Практично, и на претходните и на овие локални избори, ВМРО-ДПМНЕ успеа да ја постигне оваа бројка од околу 300 илјади гласови под која речиси никогаш не паднала, а сè што партијата освојувала над тоа во некои циклуси е екстра поддршка од гласачи што се однесуваат различно од избори до избори. Она што е проблем за остварување на рамнотежата на политичката сцена е тоа што СДСМ забележа драстичен пад во гласовите, од кој сè уште не може да се крене.
ИСХОДОТ НЕ Е ДОБАР, АМА НЕ Е НИТУ ЛОШ?!
Како што е познато, СДСМ на споменатите парламентарни избори во 2002 година, во време на Бранко Црвенковски, освои историски резултат со над 500 илјади гласови. Во време на Радмила Шеќеринска и Владо Бучковски, пак, партијата падна на околу 250 илјади гласови, но на победнички патеки ја врати Зоран Заев, кој на изборите во 2016 година освои над 436 илјади гласови. Тоа беше мало заостанување во однос на ВМРО-ДПМНЕ, но, сепак, доволно за СДСМ да формира влада и да донесе политички промени.
Оттогаш, СДСМ е во континуиран пад, кој најмногу се почувствува на ланските парламентарни избори, кога партијата предводена од Димитар Ковачевски претрпе изборен дебакл со освоени 154.447 гласови. Иако многумина сметаа дека тоа е дното под кое не може подолу, сепак на овие локални избори партијата отиде уште подлабоко, имајќи предвид дека на советничките листи освои околу 30 илјади гласови помалку. Споредено со претходните локални избори, пак, СДСМ освои дури 110 илјади гласови помалку.
Откако ја презеде лидерската позиција во СДСМ, Венко Филипче, во неколку наврати јавно велеше дека ќе биде задоволен ако на локалните избори освои макар глас повеќе во споредба со ланските парламентарни избори, но на крајот испадна дека освои 30 илјади гласа помалку. Дали тоа може да се смета за успех или за неуспех на новото сдсмовско раководство, ако се земат во обѕир сите политички околности и аспекти?
Очигледно, за Филипче, овој изборен резултат не е премногу лош, бидејќи, како што вели, покажал дека процесот на консолидација на СДСМ е на прав пат, дека во некои средини партијата има раст, дека освоила градоначалници… Покрај тоа, од Бихаќка велат дека на овие избори се намалила разликата меѓу СДСМ и ВМРО, дека СДСМ ја зголемила предноста во однос на Левица и ЗНАМ итн. Има ли основа за ваквите тврдења?
ЗАГУБА НА СКОПЈЕ И НА ДРУГИ ЦЕНТРИ
Ако се вкалкулира тоа што СДСМ остана без неколку коалициски партнери, тогаш аритметички може да се каже дека партијата освоила отприлика ист број гласови како лани, т.е. дека нема дополнителен пад или дека е спречен негативниот тренд. Арно ама, дали тоа може да биде доволна причина за задоволство во партискиот врв, особено ако се има предвид дека партијата постигна многу лош резултат во Скопје и во други големи урбани центри поради што во врат сериозно им дише Левица?
Кога ќе се разглобат нештата, голем неуспех за СДСМ е тоа што Каја Шукова не успеа да влезе во вториот круг за градоначалник на Скопје, каде што Орце Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ ќе се натпреварува со Амар Мециновиќ од Левица. Згора на тоа, СДСМ како партија заостанува на ниво на Град Скопје, не само зад Левица, туку и зад албанските коалиции НАИ и ВЛЕН, што е природен епилог кога ќе се види дека СДСМ е трета сила во речиси сите скопски општини, освен Центар – Кисела Вода, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Аеродром, Бутел…
Бездруго, тоа треба да биде причина за загриженост во СДСМ, бидејќи главниот град има најголема политичка тежина и од него почнуваат сите политички процеси, чии ефекти потоа се пренесуваат кон внатрешноста. Освен тоа, индикативно е тоа што кандидатите за градоначалници на СДСМ не се пласираа во втор круг во неколку големи урбани центри, како на пример Куманово, Битола и Кочани, каде што во втор круг влегоа независни кандидати за градоначалници.
Оттука, може да се констатира дека СДСМ згреши што на овие избори одигра исклучиво со партиски решенија, бидејќи во Град Скопје можеа да го кандидираат Мишко Ралев, како што првично планираа, а во Куманово, Битола и во Кочани да ги поддржат Горан Стојковски, Габриела Илиевска и Венко Крстевски. Ако го стореа тоа, дефинитивно ќе имаа повеќе гласови на партиското конто, што ќе им помогнеше и побргу да ја воскреснат партијата.
ПАРТИСКИ НАМЕСТО ГРАЃАНСКИ КАНДИДАТИ
Впрочем, СДСМ требаше да го направи она што веќе го направи ВМРО-ДПМНЕ со кандидатурата на Гордана Силјановска-Давкова како независен граѓански кандидат. Во период кога ВМРО-ДПМНЕ се соочуваше со многу предизвици по падот во опозиција, нешто слично како сега СДСМ, ВМРО со непартиски кандидат направи позитивен резултат на претседателските избори во 2019 година со освоени 318 илјади гласови. Тоа беше вовед во понатамошно растење на партијата, што подоцна кулминираше со големи изборни победи.
Истиот модел сега можеше да го репризира и СДСМ, со што можеби ќе требаше да се откаже од советнички места, меѓутоа сумарно ќе имаше многу подобар резултат. Неофицијално, партиското раководство имало преговори за соработка со низа независни кандидати, но на крајот паднала одлука да истрчаат со чисти партиски решенија. Патем, дел од независните кандидати беа денунцирани и добија етикети како политички инструирани.
Како и да е, ако сака СДСМ да дојде до ситуација пак да биде конкурентна на политичката сцена, ќе мора да создаде платформа што ќе ги обедини сите граѓански групи и иницијативи, кои инклинираат кон левицата. Меѓутоа, многу поголемо искушение за СДСМ ќе биде како да создаде мостови за соработка со другите опозициски партии од левицата, која сега е поделена како што своевремено беше поделена десницата, пред ВМРО-ДПМНЕ да ги прибере или да ги уништи другите десничарски партии.
Моментално, ВМРО-ДПМНЕ има монопол врз десницата, додека левото гласачко тело е поделено меѓу СДСМ, Левица, ЗНАМ и многу независни граѓански иницијативи. Меѓу нив има, не само големи лични суети, туку и крупни концепциски разлики, што го прави невозможно обединувањето на левицата барем во овој момент. За тоа да се случи, треба да помине време и да се создадат повеќе предуслови.
ПЛАТФОРМА ЗА ОБЕДИНУВАЊЕ НА ЛЕВИЦАТА
Секако, една од објективните пречки за обединување на левицата е тоа што ЗНАМ на Максим Димитриевски засега цврсто се држи до ВМРО-ДПМНЕ, додека речиси да нема допирни точки меѓу СДСМ и Левица на Димитар Апасиев. Ако СДСМ се залага за брза евроинтеграција, за што бараат и исполнување на обврската за промена на Уставот, тогаш Левица се противи на тоа повеќе и од ВМРО-ДПМНЕ, додека истовремено заговара модел на кинески социјализам наместо западен либерален капитализам.
Во такви околности, единствената платформа, која би можела да ги обедини сите прокламирани леви партии, е уривањето на власта на ВМРО-ДПМНЕ, а за тоа да се случи, треба да помине време за да ферментираат повеќе политички состојби. Дотогаш, меѓу другото, левите партии и треба да сфатат дека сами не можат да постигнат ништо, нешто слично како што албанските партии сфатија дека не треба да губат време и дека мора да се обединат за да го урнат ДУИ.
Засега, тоа е тешко остварливо, дотолку повеќе што Левица пледира да го зазеде местото на водечка опозициска партија, односно главна партија во левицата, а не да биде дел од поширок опозициски левичарски фронт. По првиот круг од локалните избори, партискиот лидер Апасиев веќе прогласи дека Левица е лидер во опозицијата врз основа на резултатите во Скопје, меѓутоа дали тоа е доволно за партијата навистина да се позиционира како водечка сила во левиот спектар?
Компаративно земено, Левица, на овие локални избори, освои околу 7.000 гласови повеќе отколку на претходните локални избори и за првпат влезе во повеќе општински совети. Сепак, партијата во изминатава недела, на советничките листи освои 11.500 гласа помалку споредено со ланските парламентарни избори, иако од партијата беа уверени дека ќе имаат раст, па дури и најавуваа дека може да освојат градоначалник во некоја општина, што засега изгледа тешко веројатно.
ТРАНСФОРМАЦИЈА И ОТВОРАЊЕ НА ПАРТИЈАТА
Врз основа на сето тоа, Левица сè уште е далеку од остварување на амбицијата да го замени СДСМ, но не дека тоа не може да се случи во блиска иднина, особено ако СДСМ не одговори на предизвиците, не ги адресира потребите на граѓаните и, можеби најважно, не се ослободи од впечатокот дека партијата во заднина ја раководи Зоран Заев. Независно дали е така или не, веќе се создаде перцепција дека Заев е во тајна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, со цел да тргува за лични интереси.
Но, дури и ако СДСМ продолжи да тера по старо, тоа нема да биде доволно Левица да се наметне како водечка лева сила и главен противник на ВМРО-ДПМНЕ, без претходно да се отвори кон поширок круг на граѓани. Просто, за да стане мејнстрим партија, Левица мора да се однесува повеќе конвенционално, а помалку радикално и алтернативно, не само во поглед на партиската платформа и програма, туку и во однесувањето во јавноста и пристапот кон граѓаните.
До некаде, таква трансформација направи Мециновиќ во трката за Скопје, настапувајќи многу поразлично отколку неговиот лидер Апасиев. И двајцата мошне успешно го артикулираат гневот акумулиран главно кај млади луѓе поради бесперспективноста, партизираноста и корупцијата во земјата, меѓутоа Мециновиќ внесе и една позитивна енергија, која прати порака дека чувството за неправда кај него создало гнев, но не и фрустрации. Едноставно, Левица мора да ја направи таа преобразба доколку сака да добива не само симпатии, туку и гласови.
Што се однесува до третата лева партија – ЗНАМ, таа на овие избори изгуби 18.000 гласови во споредба со ланските избори, што е голем пад за нова партија, која тргна силно, дури и со декларирана цел и амбиција дека ќе стане втора партија. Партискиот лидер Димитриевски е на пат да победи во Куманово, но нивниот кандидат во Центар е пред пораз. Како тргнало, ЗНАМ лесно може да ја доживее судбината на НСДП поради соработката со ВМРО-ДПМНЕ. Ако тоа се случи, прашање е само на која страна ќе се разлеат нивните гласачи.
МАТЕМАТИЧКА ПОБЕДА, ПОЛИТИЧКИ ПОРАЗ
Ако во македонскиот блок веќе однапред работите беа детерминирани, многу поинтересно беше во албанскиот блок, каде што, всушност, се водеше битка да се биде или не. Конкретно, коалицијата НАИ освои 114.256 гласови на советничките листи, што е минус 23.000 гласа во споредба со ланските парламентарни избори, додека ВЛЕН освои 91.947 гласови или минус 15.000 гласа во однос на ланските парламентарни избори. Не може да се прави споредба со претходните локални избори зашто тогаш ВЛЕН не постоеше.
Зошто овие бројки, сепак, претставуваат политички пораз за ДУИ? Прво и најважно, затоа што ова е далеку од резултатот што го очекуваше и на кој се надеваше ДУИ, чии првенци велеа дека ќе го победат ВЛЕН најмалку 2 спрема еден, а некои дури најавуваа и победа од 3 спрема еден. На крајот, се испостави дека НАИ одвај постигна минимална победа над ВЛЕН на советничките листи, со помала разлика од ланските парламентарни избори, и покрај тоа што беа засилени со Арбен Таравари, кој предизборно излезе од ВЛЕН се приклучи кон НАИ.
Во таква ситуација, тоа може да се смета за голема победа на ВЛЕН, која падна само за 15 илјади гласа во однос на лани, иако Таравари велеше дека тој вредел колку половина од ВЛЕН. Но, испадна дека или Таравари не вредел 50-60 илјади гласа како што проценувал, или, пак, навистина вредел толку кога се отклони од ДУИ и се приклучи кон ВЛЕН, но ја загуби неговата политичка тежина откако направи нова гимнастика со камбекот кон ДУИ.
Конечно, ВЛЕН може да се смета за изборен победник зашто неговите фронтмени Изет Меџити и Биљал Касами ги победија Бујар Османи и Бајрам Реџепи од ДУИ во директната трка за градоначалници на Чаир и Тетово – две општини со голема симболика за Албанците – и тоа без поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, имајќи предвид дека ВЛЕН победи и на советничките листи. Дури, ДУИ во првиот круг загуби во Сарај, Дебар, Струга и во Кичево, па се пофали само со градоначалничка победа во Пласница, Липково и во Чашка, што е премалку за да демонстрира триумфализам.
ДАЛИ Е ДОЈДЕНО ВРЕМЕ ЗА ПОЛИТИЧКА ПЕНЗИЈА?
Од големите општини, НАИ победи во Гостивар, но и таму повторно ќе се гласа поради непостигнат цензус од 30 проценти. Севкупно земено, стратегијата на владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се покажа исклучително успешна, не само поради тоа што нивните кандидати ги победија ривалите од НАИ во најбитните општини, туку власта е на добар пат да освои градоначалници во речиси сите општини. За таа цел, делумно придонесуваат и независните кандидатури, кои, ако не биле договорени, тогаш во најмала рака биле стимулирани.
Имајќи го предвид сето тоа, се поставува прашањето што понатаму ќе се случува со НАИ и со ДУИ? Дали по ваков неповолен изборен резултат во првиот круг, кој се очекува да се потврди и во вториот круг, коалицијата ќе остане на купче и ќе продолжи да ја вергла приказната за легитимитет или, пак, ќе почне да се распаѓа? И, што ќе се случува со ДУИ – дали можеби навистина е дојдено време за политичка пензија на Али Ахмети, како што предизборно му најавуваше Мицкоски, а постизборно го повикува Меџити?
Можеби, молкот најгласно говори за целата ситуација во рамки на албанската опозиција, бидејќи досега Ахмети неколку дена воопшто не се обрати до јавноста, а прилично тивки беа и неговите соработници и партнери. Иако сè почесто се зборува дека е дојдено време за политичка пензија на Ахмети, тоа не значи дека ќе се случи. Напротив, ДУИ била во слична, ако не и во полоша ситуација, но успеала да се извлече и да исплива.
Тоа беше случај по пресвртните избори во 2016 година, кога ДУИ падна на 86.796 гласови, додека тогаш новоформираната БЕСА на Касами освои 57 илјади гласа, АА на Зијадин Села освои 35 илјади гласови, а ДПА на Мендух Тачи освои 30 илјади гласови. Ваквиот развој на настаните ДУИ го прочита како порака да се дистанцира од ВМРО и да се здружи со СДСМ, како што се случи во следниот период, кога интегративците вратија голем дел од загубената поддршка.
АМБИЦИИ ЗА ЛИДЕР НА АЛБАНСКАТА ОПОЗИЦИЈА
Веднаш по тие избори, Ахмети излезе во јавност и рече дека ДУИ победил, но Албанците загубиле. Без оглед што на овие локални избори ДУИ/НАИ има подобри бројки, Ахмети речиси воопшто го нема, бидејќи и самиот е свесен дека претрпе пораз кога ќе се земат предвид целиот контекст, проектираните очекувања и поставените цели. Едноставно, Ахмети и Села, засилени со Таравари, ниту го повторија ланскиот резултат, а камоли да го подобрат, ниту убедливо го поразија ослабениот ВЛЕН, ниту победија во најбитните градоначалнички битки.
Она што сега се наметнува како дилема е како ќе рефлектира Ахмети овојпат? Дали конечно ќе реши да се повлече и да остави простор за наследник, кој веќе не може да биде Османи по поразот во Чаир или, сепак, ќе остане да ја води ДУИ до следните парламентарни избори? Дали Ахмети ќе се повлече сега со наратив дека си заминува како победник од стратешки причини, или ќе сака тоа да го направи по некоја идна поубедлива победа, што, пак, му носи ризик да доживее и дебакл?
Познавачите на приликите во албанскиот блок велат дека ДУИ е составена од голем број фракции и интересни групи според територијален и други принципи, а единствениот фактор што сите тие ги држи на купче е Ахмети, иако „огнената група“ покажа дека во голема мера и неговиот авторитет е дерогиран. Од таа гледна точка, прашање е дали Ахмети би можел да се повлече дури и да сака тоа да го направи, бидејќи со тоа може да отвори простор за нови внатрепартиски конфликти и превирања.
Апсолутно, изборниот исход го турка Ахмети кон пензија, но тешко може да се одговори на прашањето дали тоа ќе се случи, бидејќи ДУИ моментално ниту може понатаму со Ахмети, ниту може без него. Она што е пореално да се претпостави е дека ќе има одредени поместувања во НАИ, бидејќи очекувањата се дека едно од крилата на АА ќе ја напуштат коалицијата. Во меѓувреме, Таравари прати порака дека Гостивар станува „нова база на албанската опозиција“, што може да се толкува и како изразување аспирации за преземање на улогата на водач на албанската опозиција.
МРТВА ТРКА ЗА ПРЕМИН ВО ВЛАСТА
Неодамна објавивме информација дека меѓу причините поради кои Таравари го напушти ВЛЕН и се приклучи кон ДУИ, освен да осигури победа во Гостивар, било очекувањето дека ќе се наметне како лидер на коалицијата НАИ. Наводно, Ахмети допуштил да се развие такво верување кај Таравари, велејќи дека е веќе во години и му се ближи пензија. Но, ако Ахмети навистина му ја предаде лидерската палка на Таравари, тоа, покрај другото, ќе ги засили одливите на членови на ДУИ кон ВЛЕН, бидејќи за нив многу поприродна опција е Меџити отколку Таравари.
Во секоја варијанта, ваквите одливи од ДУИ кон ВЛЕН ќе продолжат откако ВЛЕН се етаблираше како силна владејачка политичка структура, што како магнет (ќе) ги влече сите оние што сакаат да се идентификуваат со победникот и кои имаат разни интереси на клиентелистичка основа. Сепак, има многу изворни членови на ДУИ што ќе останат верни на партијата без оглед на сè – тие никогаш не би се преселиле кон Меџити без тоа да се изведе на достоинствен начин. А, партиски извори велат дека сериозно се размислува достоинствена платформа за такво премостување.
Дел од аналитичарите сметаат дека НАИ ќе влезе во фаза на раслојување, со тоа што во прв момент ќе има трка меѓу Таравари и Села кој прв да се приклучи кон владата, по примерот на Тачи. Од една страна, Таравари и при заминувањето му порача на Мицкоски дека останува отворен за соработка согласно јавниот интерес. Сепак, на Илинденска тешко може да му го простат последниот лупинг на Таравари, поради што веројатно погледите ќе им бидат свртени кон Села.
Нема дилеми дека Села важи за тежок човек, но истовремено го бие глас дека е принципиелен, предвидлив и држи до зборот. Па, доколку тој ги намали своите барања и услови, од типот на спроведување на уставните измени, замена на 20 проценти со албански јазик итн., што лесно може да се случи при ваков дебакл на НАИ, а особено ако НАИ ја загуби и Струга во вториот круг, сосема е можно Села да ја засили владата и така да се надмине проблемот со Бадентеровото мнозинство.
ВЛАДИНА РЕКОНСТРУКЦИЈА И ОПОЗИЦИСКИ ПРЕВИРАЊА
Едно од можните сценарија што се анализираа пред изборите е дали по овие локални избори ќе има предвремени парламентарни избори, кои би биле предизвикани од убедливата победа на НАИ над ВЛЕН. Анализите одеа во насока дали изборната победа или победите на НАИ целосно ќе го делегитимираат ВЛЕН и ќе го принудат ВМРО-ДПМНЕ да формира влада со нив, или, пак, при изострена битка и ВМРО-ДПМНЕ ќе освои голем број пратеници на евентуални вонредни избори, по што ќе формира влада со сите против ДУИ и Левица?
Меѓутоа, по ваквиот исход на локалните избори веќе се чини дека предвремените парламентарни избори се надвор од игра, барем како резултат на притисок од ДУИ. Сега, владејачките ВМРО и ВЛЕН имаат интерес да размислуваат преку брзи избори да го искористат овој анти-ДУИ бран и да му зададат завршен удар на Ахмети. Но, судејќи според сите пораки, ќе нема избори, што значи дека власта ќе работи на подигнување на сопствениот рејтинг и паралелно со тоа ќе ги чека разврските во НАИ и ДУИ.
Дека нема основа да се очекуваат вонредни избори, одат и најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека во декември ќе одржат редовен изборен конгрес, на кој Мицкоски треба да го добие третиот и последен мандат на чело на партијата. Веднаш потоа се најавува реконструкција на партиските органи, но и на владата и низа институции. Паралелно со тоа, се навестуваат големи промени во правосудниот систем, со цел да се задоволат очекувањата на граѓаните за брза и неселективна правда.
Што се однесува до ВЛЕН, исходот на овие избори ќе го забрза процесот на трансформација на коалицијата во една партија, на чие чело треба да застане Меџити, а втора и единствена алтернатива е Касами. Оваа партија веќе се наметна како најголем политички фактор во Скопје и во Тетово, со амбиција да се шири кон Гостивар и Струга, што ќе и биде многу полесно ако НАИ почне да се распаѓа наместо да одговори на ист начин – со формирање нова политичка организација, со нов лидер!