Мицкоски: Државата треба да смогне сили и сама да го финансира и гради проектот „Чебрен и Галиште“

by irena 11:54
11:54

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека реализацијата на проектот „Чебрен и Галиште“ е стратешки проект не само за Македонија како држава туку и за регионот. Освен зголемувањето на производството на енергија, смета дека можеби многу поважно е и што со него ќе се создадат два резервоари на пивка вода. Затоа, вели, државата треба да се обиде да смогне сили и сама да го финансира овој проект по неколку неуспешни обиди за приватни партнерства и тендери.

Според него, можеби ова е амбициозна најава, но не и невозможна и, како што нагласува, многу блиску се до конечна одлука државата сама да го гради овој проект.

– Една од иницијативите што ја имаме е сами како држава да го градиме целиот тој комплекс на централи на реката Црна над постојната Тиквеш, во јавноста познат како проект „Чебрен и Галиште“. Направивме пресметки и цениме дека ова е стратешки проект не само за Македонија како држава туку и за регионот – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по поставување камен-темелник на доградба на училиште во Ѓорче Петров.

Досега, вели, имало многу неуспешни тендери, обиди за приватни партнерства, процеси поврзани со многу сомнежи.

– ​Доколку успееме да формираме синдикат на меѓународни финансиски институции, а разговорите се во таа насока, тогаш реално е да се очекува дека в година ќе ставиме камен-темелник на овој, би рекол, историски проект. Има многу причини за кои верувам и јас и колегите во Владата и во компанијата АД ЕСМ, поранешна ЕЛЕМ, дека треба да се обидеме, народски кажано, да стиснеме заби да го изградиме сами овој проект. ​Имајќи ги предвид климатските промени, убеден сум дека не само на Македонија како држав, туку и во регионот ќе им требаат два резервоари за пивка вода. А токму тие се тие акумулации, таков тип на резервоари, така што производството на електрична енергија можеби и не е примарен предизвик, можеби терцијален или четврти по ред – рече премиерот Мицкоски.

Слични вести