Пратеникот на СДСМ, Јован Митрески, на денешната седница за пратенички прашања упати две прашања до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кои се однесуваа на минималната плата и на високите цени, за кои, како што истакна, граѓаните сè почесто реагираат и дури заминуваат во соседните земји за пазарување.
Според Митрески, одговорите на Владата за минималната плата оставаат впечаток дека таа избегнува конкретни ставови, иако, како што нагласи, Македонија има најниска нето минимална плата во регионот.
„Се тврди дека се прави погрешна споредба, дека кај нас е нето, а во соседството бруто. Тоа не е точно. Се споредува нето минималната плата кај нас со нето минималната плата во соседните земји и, за жал, сме на најниско ниво“, рече Митрески.
Тој посочи дека повисока минимална плата имаат дури и држави кои станале независни пред само неколку години, додавајќи дека владините изјави за поддршка на повисока минимална плата се сведуваат на ПР-пораки.
„Кога велите дека сте за 1.000 или 2.000 евра минимална плата, но да се договорат работниците и работодавачите, тоа е исто како да очекувате волкот и јагнето да се договорат што ќе вечераат“, изјави пратеникот.
Според него, ваквиот пристап ги става работниците „меѓу чекан и наковална“, а единственото образложение што Владата го нуди е стравот од отпуштања и затворање компании.
„До кога ќе играте мајтап со работниците? Ако чекаме договор меѓу работниците и работодавачите, тој никогаш нема да се случи“, порача Митрески.
Второто прашање се однесуваше на цените на основните прехранбени производи. Митрески посочи дека институциите очигледно немаат реална слика за состојбата на терен.
„Граѓаните не се задоволни и одат да пазарат во соседните земји. Имаме ситуација откупната цена на млекото да е 29–31 денар, а истото тоа млеко во маркетите се продава по 85 денари за литар“, рече тој.
Според Митрески, во вакви услови и земјоделците и граѓаните се незадоволни, додека трговците остваруваат екстра профити. Тој потсети дека СДСМ како опозиција предложила законски решенија и мерки за намалување на цените, но тие не биле прифатени.
„Најавувавте различни кошнички – божиќна, велигденска, рамазанска, училишна. Денес самите признавате дека тие не дале резултати. Што ќе преземете за ова да не биде на штета на граѓаните, како што минималната плата е на штета на работниците?“, праша Митрески.