Герасимовски за можната дислокација на цементарницата УСЈЕ: Тоа нема да биде лесна задача

by irena 20:16
20:16

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во гостување во „Дневник“ на телевизија Сител изјави дека целосно ја поддржува граѓанската реакција против загадувањето од цементарницата УСЈЕ и истакна дека мора да има строги и континуирани контроли, не само таму, туку во сите фабрики.

„Доколку тоа што се зборува е вистина, мора да следуваат ригорозни санкции“, нагласи Герасимовски.

Како потпретседател на ЗЕЛС, тој потенцираше дека очекува Град Скопје да изработи јасен план и стратегија, во која ќе бидат вклучени сите 10 скопски општини, со цел намалување и целосно искоренување на загадувањето.

„Договорено е до средината на следната недела да имаме состанок во рамки на ЗЕЛС со сите општини, каде ќе се разговара за повеќе теми, а приоритет ќе биде аерозагадувањето“, додаде Герасимовски.

Тој посочи дека меѓу клучните мерки се: функционален и ефикасен јавен превоз, воведување мерки при екстремно загадување како системот „пар-непар“, засилени инспекциски контроли и редовни проверки во индустриските зони и кај домаќинствата кои се греат на штетни горива.

Герасимовски истакна дека, иако Општина Центар нема индустриска зона, воздухот нема граници и сите скопски општини се подеднакво засегнати од загадувањето.

Во однос на можната дислокација на цементарницата УСЈЕ, градоначалникот рече дека тоа нема да биде лесна задача, но дека, ако постои политичка и општествена волја, сè е возможно.

Слични вести