Миле Јанакиески стана сопственик на градежен конзорциум: „Доказ за неосудуваност на овие им бараат ли?“, коментираат граѓаните

by irena 11:01
11:01

Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески стана еден од сопствениците на градежниот конзорциум Смарт Инвест Гроуп, кој обединува неколку познати градежни инвеститори од пелагонискиот регион во изградбата на станбени комплекси, пренесе Фактор.

Поранешниот најблизок соработник на екс-премиерот Никола Груевски во „Смарт Инвест Груп“ од изминатата недела станува член на групацијата на местото на градежниот инвеститор Крсте Неделковски од Битола, инаку познат како сопственик на градежните фирми „Конкрит“, „БВ Инженеринг“.

„Смарт Инвест Гроуп“ на својата веб-страница информира дека во моментов има инвестициски фонд од 30 милиони евра и дека гради станбени згради во битолската елитна населба „Златен рид“, Широк Сокак и други атрактивни локации во овој град, како и во Куманово и Скопје, каде ќе се гради комплекс од 128 станови кај Момин Поток во Карпош.

За поранешниот министер за транспорт и врски неофицијално се зборува дека е актуелен консултант за земјиште на големи градежни моќници. Концептот на работа на „Смарт Инвест Гроуп“, основан пред две години, е да собира заеднички средства од инвеститори кои би вложувале во идни градежни проекти.

„За една моч… лиценца за такси четири ливчиња ми дадоа од судот за неосудуван за да можам фирма да отворам. На овие му бараат такво нешто, знај некој?“, гласи еден од коментарите на социјалните мрежи каде што има лавина реакции за Миле Јанакиски.

Јанакиески во јуни 2024 година излезе на слобода по шест години минати во затвор за предметот Титаник поврзан со изборни нерегуларности за кој тој призна вина. Во 2022 година беше осуден на 4 и пол години затворска казна а следната година скопска Апелација му ја намали на 3 и пол години. Лани во март Апелациониот суд одлучи да ја уважи жалбата на Јанакиески со која бараше условен отпуст, кој што го доби уште порано.

Јанакиески беше обвинет и во предметите Топлик и Талир, но со измените на Кривичниот законик кривичните дела во овие предмети застареа. Тој од оваа година е амнестиран и за случајот „Организатори на 27 април“, Поранешниот функционер е обвинет и во предметот „Шпански скали“ за кој не е познат епилогот.

Слични вести