На 27 март, во Македонската филхармонија, со почеток во 20 часот, ќе се одржи концертот „Миланова игра“ – вечер посветена на творештвото на маестро Милан Завков, еден од најзначајните македонски композитори и виртуози на хармоника.
Картите за концертот се достапни на mktickets.mk
Со своето долгогодишно творештво, Завков остави значаен белег во македонската изворна и новокомпонирана народна музика, создавајќи композиции и ора кои денес се дел од колективното музичко наследство. Неговиот препознатлив стил и виртуозност придонесоа народната музика да добие нова уметничка димензија и да остане жива низ генерации музичари и публика.
Програмата на концертот вклучува избрани вокални и инструментални композиции од опусот на Завков, во нови аранжмани на врвните аранжери Дамир Имери и Дарко Илиевски, изведени од специјално оформен камерен оркестар. Концертот дополнително ќе биде збогатен со настапите на специјалните гости: Наум Петрески, Зуица Лазова, Сузана Спасовска, Горан и Ленче Кукиќ, како и Дино Имери на пијано и Катарина Броња на флејта.
„„Миланова игра“ претставува исполнување на една од неговите последни желби – неговата, но и македонската народна музика, да добијат нов живот во современ формат кој ја задржува нивната автентичност, а истовремено им дава нова уметничка димензија. Токму преработката на„Ревиско оро“, во изведба на Дино Имери, беше инспирацијата за оваа идеја. Со овој концерт сакаме да ја исполниме таа негова желба и повторно да ја донесеме неговата музика пред публиката“ – велат од семејството Завкови.
Дознајте повеќе на линкот и бидете дел од ова посебно музичко доживување.