Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, на денешната прес-конференција по годишното обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека во говорот изостана реална анализа на состојбата во државата. Наместо конкретни решенија за проблемите со кои секојдневно се соочуваат граѓаните, според Мециновиќ, обраќањето беше сведено на флоскули и претставување на владината агенда на ДПМНЕ.
Тој истакна дека во говорот сосема изостана осврт кон уништувањето на реките, загадувањето на воздухот и системското разорување на животната средина. Според него, ова ја нормализира состојбата каде што интересите на крупниот капитал се над здравјето на граѓаните, а загадувањето и зголемените заболувања се прифатливи.
„Гледаме апстрактни говори за стабилност и глобални климатски промени, додека конкретните причинители и одговорности остануваат неизвесни. Таквиот пристап ја штити нерегулираната индустрија, а штетата по граѓаните се третира како колатерална и неизбежна“, рече Мециновиќ.
Тој додаде дека иронично е што зад говорите за енергетска независност се крие реалноста на поскапена струја и продлабочена енергетска сиромаштија, што покажува отсуство на приоритети насочени кон граѓаните.
Мециновиќ најави итна законска интервенција како одговор на енергетската криза, нагласувајќи дека државата мора да преземе конкретни мерки за заштита на граѓаните и нивното здравје.