Меморандум за една поинаква политика: Македонија да покаже заби

Бидејќи претседателот Глигоров ужива голем углед во светот како мудар и умерен политичар, „покажувањето заби“ ќе биде јасен знак дека сме дотерани до ѕидот и дека ќе мора да се преземе нешто кон РМ... Ако сега не се покаже одлучност и не ја преземеме нашата судбина во свои раце, од нас ќе се бараат нови отстапки, а нашите признавање и прием во ООН бескрајно ќе се одолжуваат.

by fokus

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

Сево ова се случува на два-три месеци пред нашиот прием во ОН. Деновите ми минуваа во една френетична активност на линија Скопје –Њујорк, главно околу модалитетите за нашиот прием, кој веќе беше извесен. Претседателот Глигоров се повлече во својот кабинет и остави на големите сили да решат за нас. Така и се случи. Не чекаа што не чекаа и на крајот донесоа одлука: пријавена со уставното име Република Македонија, државата ќе биде примена во ОН под референцата „поранешна југословенска Република Македонија“, до решавањето на спорот со Грција, а компромисното име стана обврзувачко за нас со резолуција на Советот за безбедност. Големите сили и администрацијата на ОН заклучија дека, кога станува збор за спорот меѓу Македонија и Грција, се работи за политичко, а не за правно прашање за чие решавање е потребна дипломатија, а не судска одлука.

„Меморандумот“, ниту го порачав како министер за надворешни работи, ниту бев информиран за неговото објавување, а камоли да имаше дебата за ставовите изнесени во него. Ставови со кои, главно, не се согласувам. Кога по многу години седнав да го прочитам, ми беше доволен еден поглед врз текстот „Меморандум за битните елементи во развојот на ситуацијата во и околу Македонија“ за да разберам дека нашата надворешна политика тргна по патот да се загуби во балканските лавиринти од кои лесно излегување нема. Го следам редоследот на темите со цитати од текстот.

За Албанците

„…Грците сега играат на картата што долго време е српски адут – албанскиот фактор во Македонија… Грчката пропаганда сега успеа да му го наметне на светот мислењето дека албанското малцинство во РМ не сака признавање на РМ (тоа го условува) и дека следува меѓуетничка конфронтација… И во Кина и во Јапонија, директно и недвосмислено, ни беше речено дека Албанците во РМ не сакаат признавање… Досега, водачите на албанското малцинство во РМ, како и самите Албанци, не презедоа ниту една формална обврска кон Македонија. Не учествуваа на пописот, на референдумот, го бојкотираа донесувањето на Уставот, симболите… Во сите овие за нас суштествени ситуации, тие се држеа како надворешен, екстериторијален фактор. Тоа што учествуваа во одбивањето на делот на Лисабонската декларација и што ја поддржаа додавката „(Скопје)“ на името нема суштинско значење и нив ништо не ги обврзува. Исто така се однесуваат и Албанците на Косово. Тоа не е случајно… тоа е заедничка стратегија што води, отвора пат, кон Голема Албанија. Сите опции им се отворени и можат да ги користат како ќе им затребаат. Не е ниту случајно што светот не врши притисок врз нив да им се покорат на законите на Србија и на РМ…

Во Кина, Ме Сунсенг, заменик-директор на Институтот за меѓународни работи (де факто дел од МНР, а Сунсенг има ниво приближно на заменик-министер) оцени дека Албанците имаат амбиции за создавање Голема Албанија, дека е слаба за реализација на оваа цел и дека затоа бара помош од Турција и од муслиманските земји… Сепак, најважната задача е да се наведат водачите на албанското малцинство во РМ јасно да се изјаснат – дали го поддржуваат поширокото меѓународно признавање на РМ или не. Тоа налага потреба од сериозни активности на внатрешен политички план, кои се неодложни, бидејќи ја загрозуваат безбедноста на РМ и го доведуваат во прашање меѓународното признавање и приемот во ОН…“.

За КЕБС

„…Ако се анализира целта и мисијата на КЕБС, може да се заклучи дека тие се за РМ, во основа, негативни. Во мисијата се најискусни известувачите на земјите-учеснички, посебно на САД, кои имаат за цел анатомски да нè „прочешлаат“ и да оценат можеме ли сами да опстанеме, какво е расположението на населението (просрпско, бугарско, грчко), како е расположен армискиот кадар, албанското малцинство и сè друго што може да биде од значење за формулирање на политиката на овие земји кон нас. Сите тие информации се најверојатно во основа негативни за нашите суштински интереси, за што само по себе зборува и одложувањето на нашето признавање. Во јавните извештаи на мисијата има мошне позитивни елементи за РМ, кои, сепак, немаа некои позитивни импликации. Доверливите извештаи што ги испраќаат се, сепак, многу позначајни. Не беше случајно што досега беше блокирано доаѓањето на претставник на Русија во мисијата. Во основа, оваа мисија може да се гледа како интерес на западните земји и на САД посебно, да бидат присутни на известувачки план во РМ. Впрочем, досега немаше опиплива корист од нив, а начинот на кој допатува мисијата, односно нејзиниот прв шеф во Скопје беше навредлив за РМ. Ако КЕБС навистина имаше интерес за проблемите на РМ, ќе се направеа напори ние да станеме член на оваа организација, што не е случај. И не само тоа, тие ни наметнуваа туѓо име…“.

За мировните сили на ОН

…Во помала или во поголема мера, истото важи и за мировните сили. Повикот на овие сили имаше свое големо оправдување во драматизирањето на опасностите што демнат врз РМ, со основна цел да се забрза нашето признавање и прием во ООН. Овој чин, како и настаните на Бит-пазар, придонесоа максимално да се актуализира во РМ. Меѓутоа, ако испраќањето на силите не се поврзе со приемот на РМ во ООН, тие се релативизираат и ќе имаат контрапродуктивен ефект. Тоа значи дека ситуацијата во РМ е под контрола и признавњето, односно приемот во ООН не се итни. Истото важи и за помошта што ни ја понуди ЕЗ на самитот во Единбург: нејзината конотација е негативна. Мировните сили на ООН немаат објективно голема воено-стратешка тежина. Тие се, пред сè, морална поддршка. Всушност, ако ООН не е подготвена да нè прими како членка, и покрај тоа што ги исполнуваме сите услови, каква логика има да испраќаат неколку стотици војници? Ова е повторно тактика на утешна награда – нема прием, но ние се грижиме за вас. Тоа е за нас неприфатливо. Тука не треба да се заборави и во целина негативното реагирање на нашиот народ кон силите на ООН. Тој факт треба да се искористи во ООН. Исто така, не треба да се дозволи тие да дојдат, ако сепак доаѓаат, без претходен формален договор со РМ со нашето полно име и како меѓународен субјект. Објаснувањето дека сè уште немаат договор со Хрватска и со БиХ не држи бидејќи таму се водеа војни и тоа беа посебни услови, што не е случај со РМ. Доаѓањето на овие сили треба да се услови за погаѓање. Посебно да се услови со наш претходен или паралелен прием во ООН, бидејќи тоа ќе биде фактор за безбедност во РМ, а не на силите. Тоа се аргументите.

За Русија

„…Една од основните задачи на рускиот посетител (Ивановски) беше запознавањето со нашата внатрешна ситуација, посебно албанскиот фактор. Со Русија ни се потребни итни консултации на што повисоко ниво заради директно запознавање со нивните проценки, како и заради воспоставување редовни консултации. Ако тоа, сепак, не е возможно на повисоко ниво, тогаш треба да се инсистира на ниво на министерства за надворешни работи…“.

За ЕЗ и САД

,,…ЕЗ и САД сигурно имаат проценки дека независна РМ може да биде нестабилен фактор (и на економска основа и како етнички мешана средина) на Балканот. Од тие причини веројатно поедноставно решение гледаат во тоа РМ да е под контрола на Србија, односно СРЈ. Со тоа би била задоволна и Грција – ќе нема македонска држава, ниту македонско малцинство во Грција. Блокадата на нашата нафта, затворањето на границата, притисокот на ЕЗ врз нас, сето тоа беа делови на една целина, а не случајни акти…“.

За причините за непризнавањето на РМ

„…За нас најбитното прашање – зошто се одолжува со признавањето на РМ и кои се можните последици од тоа? Како прво, во овој момент е создадена психоза дека признавањето ќе предизвика етнички судири и тоа ќе значи нова Босна, односно балканска војна. Второ, а веројатно и основно, е фактот дека се очекува судир на Косово, кој најверојатно ќе ја инволвира и РМ, на еден или на друг начин. Тоа ќе може да биде преттекст за можна српска интервенција и де факто почеток на нов балкански судир. Во таа ситуација ќе се врши нова поделба на регионот и ако Србија го изгуби Косово, како компензација може да ја добие РМ или дел од неа. На тој начин би се повлекле нови граници (кои најверојатно ќе бидат повлечени и во Босна и во Хрватска) кои, колку-толку би гарантирале подолг мир. Ако РМ биде призната членка на ООН и на КЕБС, тоа би бил друг квалитет – меѓународно признаен ентитет, со меѓународни граници, со кои нема да може лесно да се манипулира. Затоа, заради секоја евентуалност и заради имање одврзани раце, поарно е РМ да се држи како адут што ќе се искористи. Како резултат на овие проценки РМ треба да се држи на low profile (низок профил) уште доволно време и затоа ни се даваат разни погодности (трошки) преку разни видови помош, ќе се отвораат разни конзулати или генерални делегации, без да се признава РМ и да се воспостават дипломатски односи. Не е случајно што ни Бугарија не оди на полни дипломатски односи, односно што не ја признава македонската нација (утре тоа ќе биде преттекст за заложбата сите Бугари, значи и ние, да живееме во една држава), затоа Русија се двоуми дали да оди на полни дипломатски односи, бидејќи тоа обврзува многу повеќе од чисто признавање, кое е, сепак, еден едностран акт, вид на декларација. На иста линија ни беше пратена и мисијата на КЕБС, сега постои подготвеност да се пратат мировни сили, но нема да се оди подалеку од тоа…“.

За времето

„…Времето досега, во добра мера, работеше за РМ. Се искристализира нашата позиција, се издиференцира јасно дека правдата и принципите се на наша страна, се докажа дека ЕЗ не е подготвена и способна да го реши овој проблем и дека направи многу грешки во однос на РМ, кршејќи ги сопствените правила и принципи. Поради тоа, на РМ ѝ се нанесени огромни штети… Отсега времето не е веќе наш сојузник бидејќи има индикации дека признавањето на РМ и приемот во ООН можат бескрајно да се одложуваат (прво ни беше советувано по изборите во САД , потоа по самитот во Единбург, па во јануари…).

Натамошното одложувње не може повеќе да се толерира бидејќи тоа е контрапродуктивно, и на внатрешен, и на надворешен план. Затоа мора да се оди на итно расчистување со сите овие состојби. Значи, ситуацијата во РМ мора итно да се драматизира и ние да се претставиме како жртва на меѓународните фактори (виктимизирање). Нашите барања мора да се наметнат како неодложни, да дојдеме на првите страници на светскиот печат, со што ќе се присили меѓународната заедница веднаш да реагира…“.

За чекори

„…Во таа насока би можеле да се преземат следните чекори.

– Да се испрати отворено писмо до Мицотакис (сторивме сè за добрососедските односи со Грција. Следува инвентар за сите мирољубиви и конструктивни работи што сме ги направиле во изминативе години… На тој начин ние уште еднаш јавно го манифестираме нашиот интерес да се најде решение, кое би одело во прилог на мирот и стабилноста на регионот… Ако и овој наш апел не роди плод, РМ ќе биде присилена да спроведува потполн реципроцитет во односите со Република Грција…“.

– Отворена порака до сите членки на ЕЗ, САД, Канада, Австралија, Кина, Австрија, Русија, Словенија, СРЈ (поспецифична), Хрватска, Албанија (посебна), Бугарија, Турција, Јапонија, Индонезија (ДНЗ) скандинавските земји, Швајцарија и други, со слична содржина и стил…

– Да се воведе потполн реципроцитет во визно-пасошкиот режим со Грција.

– Да се одржат итни консултации со САД, при што би им се предочило дека доколку итно не се признае РМ и не се прими во ООН, ние не гледаме потреба од натамошното задржување на мисијата на КЕБС во РМ. Истото формално треба да ѝ се соопшти на Шведска како претседавач на КЕБС. Во таа ситуација кога сме во потполна блокада од меѓународната заедница, ние не гледаме реална корист од мисијата на КЕБС. Сето ова да се документира со нашата внатрешна ситуација и сл. Истото би важело и за ООН…“.

За ООН

„…Во ООН би се настапило со аргумент за блокирањето на нашиот прием во ООН, и покрај фактот што ги исполнуваме сите формални услови, ја заострува внатрешната ситуација во нашата земја, како и надворешната позиција. Нашиот прием во ООН има за нас фундаментално значење и сè додека тоа се условува и одложува, ние не можеме да го оправдаме прифаќањето сили на ООН. Нашиот прием во ООН бара итна акција, бидејќи ако не успееме да го реализираме до 20 јануари, кога е смената на администрацијата во САД, нашиот прием сигурно дека ќе се одложи за повеќе месеци. Тоа секако нема да биде приоритетно прашање на новиот претседател, а негова претставничка во ООН и членка на кабинетот ќе биде личноста што работела за Дукакис (грчко педигре)…“.

За новата улога на претседателот Глигоров

„…Бидејќи претседателот Глигоров ужива голем углед во светот како мудар и умерен политичар, „покажувањето заби“ ќе биде јасен знак дека сме дотерани до ѕидот и дека ќе мора нешто да се преземе кон РМ… Ако сега не се покаже одлучност и не ја преземеме нашата судбина во свои раце, од нас ќе се бараат нови отстапки, а нашето признавање и прием во ООН бескрајно ќе се одолжуваат. Во овие активности, максимално мора да биде вклучена и владата бидејќи тоа ќе ѝ овозможи да го поврати својот углед (посебно партиите на коалицијата, кој во јавноста е мошне начнат по расправата во парламентот околу додавката „(Скопје).“ Во јавноста доминира мислењето дека не треба да се прифати никаква модификација на името и врз таа основа се добиени значајни политички поени…“.

Ставовите се ставови. Секогаш сум мислел дека кога се зборува за Македонија, тоа е, да употребам една фраза на Обама, „дијалог на патриоти од двете страни на дебатата.“ Но, кога тоа доаѓа од некој што ми е хиерархиски потчинет во МНР, државна институција што треба да зборува со еден глас во меѓународната политика, сериозно се замислив за постапките како на авторот Никовски, така и на претседателот Глигоров. Особено по она што, повторно без мое знаење, се случило подоцна.

(Продолжува)

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости