Мексико стана воена зона по убиството на најбараниот нарко-бос

by irena 09:10
09:10

Немесио Осегуера Сервантес, попознат како Ел Менчо, најбараниот човек во Мексико и водач на озлогласениот нарко-картел „Нова генерација Халиско“ (CJNG), беше убиен за време на безбедносна операција.

Мексиканскиот министер за одбрана потврди дека Ел Менчо починал вчера како резултат на сериозните повреди здобиени во судирите со војската, додека бил транспортиран во главниот град Мексико Сити, пишува Би-Би-Си.

Во судирите во градот Тапалпа, во централно-западната држава Халиско, беа убиени четири члена на картелот, а тројца припадници на војската беа ранети.

Операцијата беше спроведена со разузнавачка помош на Соединетите Американски Држави. Како одговор на атентатот врз нејзиниот лидер, Новата генерација на Халиско (CJNG) започна бран насилство во осум мексикански држави, палејќи автомобили, поставувајќи блокади на патиштата и напаѓајќи ги безбедносните сили.

Американскиот Стејт департмент издаде безбедносно предупредување за граѓаните на САД, советувајќи ги да останат во затворен простор во државите Халиско и Тамаулипас, како и во делови од Мичоакан, Гереро и Нуево Леон.

Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум го повика населението да остане смирено. „Во поголемиот дел од земјата, активностите се одвиваат нормално“, рече таа преку социјалната мрежа X.

Немесио Осегуера Сервантес, познат како Ел Менчо, 59-годишен поранешен полицаец, создаде масовна криминална организација одговорна за шверц на големи количини кокаин, метамфетамин и фентанил во Соединетите Држави.

Владата на САД нуди награда од 15 милиони долари за информации што ќе доведат до негово апсење.

Министерството за одбрана на Мексико соопшти дека операцијата била „планирана и спроведена“ од специјални сили, со поддршка од воздухопловните сили и Националната гарда. За време на операцијата беа запленети неколку оклопни возила и оружје, вклучително и ракетни лансери.

Сведоци забележаа облаци од чад над неколку градови, вклучувајќи ја и Гвадалахара, еден од градовите домаќини на претстојното Светско првенство во фудбал.

Во туристичката дестинација Пуерто Ваљарта на брегот на Халиско, се проценува дека илјадници туристи се заробени во одморалиштата поради немири. Во текот на вчерашниот ден имаше извештаи за вооружени напаѓачи на улиците на Халиско и други држави.

Гувернерот на Халиско, Пабло Лемус Наваро, им советуваше на жителите преку социјалните медиуми да ги почитуваат предупредувањата за црвениот код и да останат во своите домови, додавајќи дека јавниот превоз во државата е суспендиран. „Јунајтед ерлајнс“, „Американ ерлајнс“ и „Ер Канада“ ги откажаа летовите до Пуерто Ваљарта и Гвадалахара, додека летот на „Делта ерлајнс“ од Атланта беше пренасочен.

Слични вести