Меѓупартиски препукувања за цените на грозјето

by irena 18:32
18:32

Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски денеска соопшти дека биле постигнати рекордни откупни цени за винското грозје – за Вранец: 21,3 денари/кг и Смедеревка за 18,9 денари/кг.

,,Како Влада покажуваме дека сме различни во пристапот – го вреднуваме и цениме трудот на македонскиот земјоделец. Оваа година очекуваме зголемен принос над 100 милиони килограми винско грозје, благодарение на подоброто менаџирање со водостопанството и наводнувањето. Во наредните години ќе биде уште подобро.“, соопшти Трипуновски.

Набргу потоа опозициската СДСМ и владејачката партија ВМРО -ДПМНЕ разменија меѓусебни обвинувања за цените на грозјето.

Од СДСМ велат дека денес министерот за земјоделство се пофалил со рекордни цени на грозјето за лозарите, но заборавил да каже дека таа цена била директен резултат на законот што го донела Владата на СДСМ.

,,Реалноста е дека новиот Закон за вино, донесен од Владата предводена од СДСМ и изгласан во Собранието на 2 април 2024 година, ги заштити лозарите и овозможи фер и достоинствени цени за најзастапените сорти грозје, Вранец и Смедеревка. Законот што го подготви СДСМ ги усогласи правилата и со европските регулативи и ги вгради барањата на лозарите, кои со години беа уценувани од винариите со ниски цени објавувани во последен момент пред берба“, велат од опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, потоа реагираа дека методологијата не била донесена од страна на СДСМ, туку Владата и ресорното министерство ја донеле веднаш по доаѓањето на власта и превземањето на раководството на МЗШВ.

,,Благодарение на методологијата, се распиша јавен повик и минатата и оваа година на која конкурираше земјоделски институт и ја пресмета производствената цена. Кога СДС беше на власт, немаше субвенции за земјоделците, продуктите завршуваа на буниште, а земјоделците се откажуваа од работата и нивите зјаеја празни“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Слични вести