На 23 април 2026 година, во просториите на Музејот на македонската борба во Скопје, се одржа меѓународната конференција „Катализатор за промени во одржливи системи и бизнис трансформација“, како завршен настан на четиригодишниот Erasmus+ проект CATALYST.
Конференцијата беше организирана од Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика (ИЕГЕ), во соработка со партнери од Австрија, Германија, Грција и Португалија, и обедини претставници од бизнис секторот, академијата, институциите, граѓанскиот сектор и меѓународни експерти.
Во фокусот на конференцијата беа одржливата трансформација, зелената и циркуларна економија, како и улогата на стручното образование и обука во развојот на вештини за иднината. Беше нагласена потребата од премин од линеарна економија кон економија базирана на знаење, иновации и соработка, како и значењето на поврзувањето помеѓу академскиот сектор, бизнис заедницата и владините институции.
Во рамки на настанот беше претставен проектот CATALYST – Европски центар на извонредност во стручно образование и обука, кој во текот на четирите години разви дигитална платформа за учење со над 70 курсеви , 15 бизнис пилот проекти и бројни алатки кои го подржаа процесот на учење.
Посебен белег на конференцијата дадоа пленарните предавања на проф. д-р Вејн Висер, експерт за одржлив бизнис и професор на Универзитетот во Кембриџ, и проф. д-р Фиби Кондури, економист и експерт за одржлив развој.
„Одржливата трансформација не е само технолошки предизвик, туку и промена во начинот на размислување, каде знаењето, соработката и балансот помеѓу;технолошките и социолошките иновации се клучни двигатели на развојот.“ – изјави проф. д-р Славица Трајковска, основач на ИЕГЕ.

Програмата вклучи две панел-дискусии. На првиот панел, „Одржливи системи и бизнис трансформација: Од стратегија до акција“, учествуваа проф. д-р Викторија Трајков, заменик-министер во Министерството за европски прашања, проф. д-р Елена Думова-Јованоска од Градежниот факултет при УКИМ, г-дин Влатко Иванов, генерален директор на Градежен институт Македонија, и проф. д-р Вејн Висер од Универзитетот во Кембриџ.
Вториот панел, „Извонредност во образованието: Вештини за одржлива трансформација“, ги обедини проф. д-р Ангелина Танева-Вешоска, директор на ИЕГЕ, проф. д-р Влатко Витанов, продекан на Градежен факултет при УКИМ, и г-дин Дејан Чуповски, тим лидер за стручно образование во АХК Северна Македонија дел од германските стопански комори.
Дополнително, беше организирана и постер-сесија на која беа презентирани најдобри бизнис практики.
Конференцијата заврши со заклучок дека одржливата трансформација претставува неопходност, а не избор, при што клучна улога имаат знаењето кое креира економска вредност партнерствата и иновациите.
Настанот претставуваше значајна платформа за размена наинформации и знаење, вмрежување и креирање нови иницијативи во насока на одржлив развој и економска трансформација.