Дмитриј Медведев – поранешниот руски претседател денеска изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп игра „игра на ултиматуми“ со Русија, што може да доведе до војна во која би биле вклучени и САД.
„Секој нов ултиматум претставува закана и чекор кон војна. Не војна меѓу Русија и Украина, туку со својата земја“, напиша Медведев на социјалната мрежа X.
Трамп во понеделникот изјави дека е разочаран од неуспехот на рускиот претседател Владимир Путин да го заврши конфликтот во Украина и го намали рокот за постигнување мировен договор од 50 на 10 до 12 дена.
„Ќе поставам нов рок од околу 10 или 12 дена од денес“, рече Трамп на средба со британскиот премиер Кир Стармер, најавувајќи дека официјално ќе ја објави одлуката наскоро.
Украина ја поздрави изјавата на Трамп, а Андриј Ермак, шефот на кабинетот на претседателот Зеленски, му се заблагодари за „цврстиот став и јасната порака за мир преку сила“.