Русија утрово соопшти дека во текот на ноќта пресретнала и соборила 699 украински беспилотни летала за време на голем напад што опфати неколку руски региони, вклучително и московскиот регион, како и окупираниот Крим.
Руското Министерство за одбрана објави дека беспилотните летала биле соборени над регионите Брјанск, Белгород, Калуга, Орјол и Смоленск, московскиот регион, Крим и Црното Море.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека дури 355 беспилотни летала биле насочени кон московскиот регион, од кои 63, според неговите тврдења, биле соборени на приодите кон руската престолнина.
Руските тврдења за бројот на соборени беспилотни летала сè уште не се независно потврдени.
Руската агенција за цивилно воздухопловство привремено го ограничи сообраќајот на неколку аеродроми, вклучително и московските аеродроми „Внуково“ и „Шереметјево“, како и аеродромите во Калуга и Волгоград.
Руските власти засега не пријавиле жртви или повредени, пренесува АФП.
Масовниот напад се случи еден ден откако украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека украинските сили нападнале два руски брода кај либискиот брег, далеку од украинското бојно поле.
Зеленски тврди дека во нападот била потопена корветата „Меркур“, еден од најновите руски воени бродови. Погоден бил и рускиот товарен брод „Ангара“, кој, според украинската страна, се користел за транспорт на оружје.