Откако СДСМ обзнани дека нивен кандидат за градоначалник на Скопје ќе биде потпретседателката на партијата Каја Шукова, владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку серија соопштенија и прес-конференции излезе со прогнози за исходот од „битката“ за главниот град на престојните локални избори во октомври.
-СДС ги очекува невиден дебакл во Скопје. Изборите ќе ги изгубат во октомври, како што 1 + 1 = 2. Дното за СДС не е допрено, допрва ќе го допрат во октомври – рече Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, СДСМ и Венко Филипче не успеале да мотивираат ниту еден човек со истакнат минат труд, па затоа морале да ја кандидираат Каја Шукова, која, додаде, е дел од кадрите на екслидерот на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев.
-Шукова која беше државен секретар и министер за животна средина и не направи ништо позитивно, не остави ниту еден белег за државата, туку му слугуваше на Заев и неговите бизнис интереси, не може да биде ништо друго освен кандидат за пораз – рече тој.
Манасиевски додаде дека и на самата кандидатка за градоначалник на Скопје и е јасно дека ќе загуби на изборите во октомври и дека ќе треба да го преземе епитетот од претходниот лидер на СДСМ и експремиер Димитар Ковачевски за најслаб изборен резултат на партијата во историјата.