По десет натпревари, фудбалската репрезентација на Македонија е поразена на еден меч. Избраниците на селекторот Милевски вечерва се поразени од Саудиска Арабија во Прага каде што одигравме пријателскиот натпревар, со конечни 2:1.
Во дуел во кој нашиот национален тим настапи со комбиниран состав пред се во првите единаесет видовме добри наши моменти, но и нешта на кои треба да поработиме.
Ова е само пријателски меч кој што не значи ништо за разлика од оној дуел кој што не очекува на 7 септември во Скопје, кога на Арената во Скопје во Мундијалските квалификации го пречекуваме националниот тим на Лихтенштајн.
Се играше 40. минута кога Стефан Деспотовски нафрли на втората статива, а Александар Трајковски со „ножички“ го постигне еден од најубавите голови воопшто во националниот тим.
Противникот решен на овој меч да обезбеди позитива веднаш по примениот гол тргна да напаѓа и успеа во таа намера. Убавата акција по средина ја заврши Ал Бураикан со одмерен удар во десниот горен агол на голот на Димитриевски. На полувреме беше 1-1.
Во второто полувреме, Македонија направи доста измени, во кои во игра влегоа нашите стартери Барди, Елмас, Костадинов, но Македонија не одработи сериозна акција која што би го загрозила голот на Саудиска Арабија.
Напротив, во моментите кога ама буквално ништо не се случуваше на теренот, нашата потесна одбрана погреши, Саудијците го искористија тоа и преку Ал Хамдан успеаjа да реализираат за 1:2.