Англискиот стручњак Мајкл Карик ќе биде менаџер на Манчестер Јунајтед до крајот на сезоната, објави клубот вечерва.
Карик (44) ќе го наследи Рубен Аморим, кој беше отпуштен на 5 јануари.
„Голема чест и одговорност е да се води Манчестер Јунајтед. Знам што е потребно за да се успее тука. Мојот фокус сега е да им помогнам на играчите да ги достигнат стандардите што ги очекуваме во овој неверојатен клуб. Знаеме дека оваа група е повеќе од способна да постигне добри резултати. Веќе работев со голем број играчи и продолжив внимателно да го следам тимот во последните години. Имам целосна доверба во нивниот талент. Сè уште има многу за што да се бориме оваа сезона“, рече Карик.
Тој играше за Јунајтед од 2006 до 2018 година, а по завршувањето на кариерата беше член на стручниот штаб на клубот од Манчестер, кога клубот го предводеа Жозе Мурињо и Оле Гунар Солскјер.
Откако Солскјер го напушти клубот, Карик беше вршител на должноста тренер, а потоа ја презеде функцијата во Мидлсбро.