Магистралните гасоводи за кои се вложени над 143 милиони евра сѐ уште не се ставени во употреба, утврди ревизијата на НОМАГАС

by irena 10:28
10:28

Со извршената ревизија во АД НОМАГАС Скопје, државна фирма за пренос на природен гас, утврдено е дека и покрај вложените / потрошени над 143 милиони евра за изградба на трите магистрални гасоводи, истите сѐ уште не се ставени во употреба.

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи и притоа изрази неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.

Со ревизијата е утврдено дека најголем дел од инвестициите во тек се однесуваат на изградбата на трите магистрални гасоводи (ЛОТ 1 – 61 km, ЛОТ 1 – 36 km, ЛОТ 2 и ЛОТ 5 ). Овие инвестиции изнесуваат 8.837.849 илјади денари (без ДДВ), односно над
143.000.000 евра и иако се целосно изградени во периодот од 2016 до 2024 година.

Иако дел од објектите се изградени уште во периодот од 1995 до 2000 година со уредна документација, тие никогаш не биле запишани во Агенцијата за катастар на недвижности. Постапките за легализација траат со години, а дел од предметите биле префрлани меѓу општините и Министерството, што дополнително го продолжило процесот на запишување. До завршување на ревизијата, НОМАГАС АД Скопје сè уште нема добиено решенија за ниту една од започнатите 78 постапки за легализација .

Со ревизијата е истакнато дека се уште не е воспоставен оператор на систем за дистрибуција на природен гас и покрај тоа што биле отпочнати активности во минатиот период.

Со ревизијата е утврдено дека во трговските книги на НОМАГАС АД Скопје, вредноста на капиталот изнесува 58,3 милиони евра и истиот е за 28,1 милиони евра помал во однос на извршената проценка. Со тоа и во Централниот депозитар на хартии од вредност и Централниот регистар на Република Северна Македонија впишана е помала вредност на основната главнина.

Во извештајот нотирано е дека во 2025 година започнале активности за изградба на интерконективен гасовод со Грција , финансиран со заем и грантови од Европската инвестициска банка. Договорот за заем изнесува 29,9 милиони евра, а инвестицискиот грант 12,4 милиони евра (9,9 милиони евра се инвестициски грант за финансирање на трошоци за работи и/или набавки, 2,5 милиони евра се грант за техничка помош за финансирање на трошоци за услуги и 50 илјади евра се грант за финансирање на комуникација и видливост).

Во август 2025 година, друштвото има добиено 6 милиони евра од инвестицискиот грант за финансирање на трошоци за работа, кои веднаш се префрлени на изведувачот со кој во мај 2025 година е склучен договор за изградба. Дополнително, доделени се: грант за техничка помош од 500 илј ади евра, од кој искористени се 7.022 илјади денари (околу 114 илјади евра ) за извршени услуги и грант за комуникација и видливост од кој се искористени 2.467 илјади денари (околу 40 илјади евра ), врз основа на склучен договор за деловна и техничка соработка.

Целиот извештај можете да го прочитате на следниот линк

О.К.

Слични вести