Левица тврди дека УЈП намерно не им испраќа сметки на занаетчиите – за да ги блокира, а потоа зошто не ги платиле и да им наплати екстра трошоци.
-Државата смисли навистина “генијален модел за поддршка на занаетчиите“ – прво им ја одзема можноста сами да си ги пресметуваат придонесите и ја презема таа обврска преку УЈП, а потоа, според сведоштвата што пристигнуваат до Левица, со месеци не им ги доставува пресметките и на крај им испраќа опомени затоа што не платиле нешто што самата институција не им овозможила уредно да го платат!
Иронијата е уште поголема што УЈП законската промена од јули ја рекламираше како наводно олеснување на процедурите за самовработените паушалци, се вели во соопштението од Левица.
Според Левица ова е алармантно бидејќио зад секоја непроцесирана пресметка стои човек кој живее од сопствените раце, плаќа кредит, издржува семејство и мора секој месец да заработи за да преживее.
-Занаетчиите сведочат дека поради овој хаос не можат нормално да ги регулираат обврските, им виси опасност од камати, присилна наплата и блокада на сметки, се соочуваат со проблеми со здравственото осигурување, а нерегулираниот статус може да им создаде проблем и пред банките. Има и повеќедетни семејства во кои и двајцата родители се занаетчии, а оваа грешка на системот станува удар врз егзистенцијата на цело семејство!
Уште поопасно е што меѓу занаетчиите се создава чувство дека системот фактички ги истиснува од формата во која со години работеле – или снаоѓај се, затворај, или отворај ДООЕЛ за воопшто да можеш нормално да функционираш. Тоа допрва мора да го објаснат надлежните! Зашто ако државата прво ти ги врзе рацете, потоа те прогласи за должник, ти ја загрози кредитната способност и пристапот до здравствено осигурување, тешко дека тоа може да се продава како „намалување на административниот товар“. Тоа е административен лавиринт во кој институцијата го прави пропустот, а сметката ја остава пред вратата на занаетчиите, оценува Левица.
Тие и порачуваат на Владата и после сето ова, да продолжи да продава приказни за поддршка на малите бизниси и поволна деловна клима.
-Додека директорката на УЈП, Елена Петрова, раководи со институција од која занаетчиите со месеци чекаат пресметки, а Министерството за финансии на Гордана Димитриеска-Кочоска зборува за модерна и ефикасна даночна администрација, луѓето што живеат од сопствениот труд добиваат опомени, висат над блокада на сметки и се борат да си го зачуваат здравственото осигурување!
Во истата 2026 година Владата преку Министерството за економија и труд на Бесар Дурмиши свечено промовираше мерки за директна поддршка на занаетчиите, па еве ја нивната “поддршка“ во пракса! Со едната рака им даваат по некоја субвенција за алат, а со другата нефункционалниот државен систем им ја става егзистенцијата во менгеме, реагира Левица.
Според партијата не се спасува занаетчиството со шарени јавни повици додека администрацијата произведува долгови кај луѓе што сакаат да платат, а тие не им даваат основа.
-Ако ова е економската политика со која ДПМНЕ ќе го оживува домашното стопанство, тогаш подобро нека не ги чепкаат воопшто занаетчиите бидејќи вака му го стегаат јажето околу вратот, а потоа се фотографираат со ножиците со кои наводно ќе го спасуваат, велат од партијата.
Левица бара веднаш да се запре испраќањето опомени, пресметувањето камати, присилната наплата и блокирањето сметки за сите занаетчии погодени од пропустите на системот, додека УЈП не ги изработи и достави сите заостанати пресметки. Истовремено, бара на ниту еден занаетчија и на неговото семејство да не му биде прекинато здравственото осигурување поради проблем што не го предизвикал самиот, како и одговорност за настанатиот хаос.