Лекарската комора ќе се вклучи во надзорот на кардиохируршките операции во приватните болници по наводите на кардиологот Сашко Кедев дека се правеле за профит, без медицинска оправданост.
-Поради тоа што во минатото се правеа страшни притисоци на членови на комисии за надзор имаме одлука да не кажуваме кој ќе го прави надзорот. Тие луѓе кои ќе бидат избрани не смеат да бидат вработени или да бидат дел од тимот во оние институциите каде што се врши стручниот надзор, тие мораат многу внимателно да ги видат сите документи. Барем по она што јас го прочитав се проблематизира довербата во реалната потреба да се направат интервенции и затоа велам мора многу внимателно да се пристапи – рече претседателката на лекарската комора, Калина Гривчева Старделова.
Освен комисија на лекарската комора, кардиохируршките операции во приваните болници се под лупа и на интерната комисија од министерството за здравство, а надзор ќе изврши и странска комисија составена од експерти од Словенија, Италија и Австрија.