Петнаесет месеци ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ја водат државата и покажавме дека може поинаку. Кога ја формиравме владата, формиравме семејство. Семејство што го темелиме и негуваме со вистински вредности, семејство што расте со доверба, посветеност и со верба дека Македонија заслужува повеќе, рече вечерва пред присутните кандидатот за градоначалник на Општина Центар Мирослав Лабудовиќ, на митингот што го организираше коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ, а на кој беа претставени кандидатите за советници од оваа партија, се наведува во соопштението на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
Вечерва, рече Лабудовиќ овде во Центар, формираме уште едно големо семејство. Едно големо срце, едно заедништво, едно чувство дека заедно можеме да го вратиме животот, топлината и гордоста на нашите улици, на нашите маала, на нашето Скопје. Покажавме дека кога има љубов кон народот и чесна намера, може да се работи со срце.
Тој упати посебен поздрав до премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на Движењето ЗНАМ – Максим Димитриевски, како што рече, личности ккои ја вратиле довербата и надежта кај народот и се негова лична инспирација , за чесност, храброст и доследност.
Лабудовиќ упати поздрави и до, како што го нарече, идниот градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Зборувајќи за општината во изминатиот период тој упати серија критики кон актуелниот градоначалник Горан Герасимовски – личност кој ветуваше многу, а не направи ништо.
„Ветуваше ред, а донесе хаос. Ветуваше нови вредности, а работеше по старите шеми.
Во четири години издаде речиси триста дозволи за градба, а не направи ниту еден нов парк. Триста згради никнаа, ниту едно дрво не засади. Триста нови проблеми создаде, ниту еден не реши. Дебар Маало, Буњаковец, Капиштец – некогаш маала со душа и песна, денес загушени во прашина, бетон и апатија. Го изгубивме воздухот, го изгубивме зеленилото, го изгубивме човекот. Центар го претворија во паркинг за интереси и во полигон за блиски фирми“, потенцираше кандидатот за градоначалник.