Во Охрид е уапсен 31-годишниот Х.К. откако физички ја нападна својата девојка во автомобил додека не изгубила свест.
Полициски службеници од СВР Охрид го уапсија утринава во 05:05 часот, по претходна пријава за напад.
Според неофицијални информации, напаѓачот претходно ѝ го скрши телефонот на девојката. На нападот му претходела расправија по излегување од дискотека.
Осомничениот ја тепал девојката во автомобил до онесвестување и продолжил да вози низ Охрид.
Кога таа се освестила, тој го запрел возилото во близина на маркет и ја исфрлил од автомобилот на улица.
Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, изјави дека против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по целосното документирање на случајот.
Постапката за осомничениот засега е поведена за кривично дело телесна повреда од член 130 став 2 од Кривичниот законик. Основниот јавен обвинител во Охрид соопшти дека постапува за целосно испитување на настанот.
Девојката е хоспитализирана во здравствена установа за коскено-зглобни заболувања во Охрид. Кај неа е констатиран потрес на мозокот.