Научници забележале фасцинантен природен феномен длабоко под површината на Антарктик, а откритието би можело да го промени нашето разбирање за тоа како Антарктикот се топи „одоздола“ и да донесе нови предупредувања за иднината на крајбрежните градови ширум светот, пишува Дејли меил.
За време на неодамнешна експедиција, истражувачите избушиле повеќе од 500 метри низ ледениот тек Камб на Западниот дел на Антарктик и стигнале до подмразочна река која тече под Росовата ледена плоча – масивна ледена површина со големина приближно колку Франција.
Станува збор за мешавина од слатка и солена вода што полека се движи кон океанот.
„На дното на бушотината наидовме на вода. Со помош на камера откривме цела група животни слични на јастози – на оддалеченост од 400 километри од отворениот океан“, изјави водачот на експедицијата Хју Хоргон.
Огромен замрзнат „чеп“
Истражувачите веруваат дека оваа подмразочна река периодично „набабрува“, поточно еднаш на десет години, поради околните подмразочни езера, создавајќи џиновски водоводен систем под мразот.
Овие повремени налети на вода можат да го забрзаат топењето на ледот, но истовремено разнесуваат хранливи материи кои го поддржуваат скриениот екосистем под ледната плоча.
Росовата ледена плоча делува како огромен „чеп“ – го стабилизира нивото на морето и ја задржува внатрешната ледена маса. Но кога подмразочните реки почнуваат да ја „разјадуваат“ одоздола, копнениот мраз полесно се лизга кон океанот, што го забрзува порастот на нивото на морето.
Последиците се добро познати: повисоки бранови за време на бури, почести поплави во крајбрежните области и поголем притисок врз снабдувањето со храна и јавниот здравствен систем.
Подготовка за иднината
Некои научници предупредуваат дека растечкото ниво на морето може да влијае и врз ширењето на болести, бидејќи промените во водата го менуваат начинот на кој се движат патогените.
Иако екстремни временски појави постоеле и порано, денешното загадување предизвикано од човечка активност ги прави посилно и поразорно. Затоа разбирањето на овие скриени подмразочни системи е клучно за подготовка за идните климатски ризици и за носење подобри одлуки денес.
Подмразочните реки, се разбира, не можат да се сопрат. Но можно е да се намали штетното загадување што ги влошува климатските промени, велат експертите.