Колку работат Македонците?

by irena 12:22
12:22

Новата визуелизација на Visual Capitalist рангира повеќе од 150 земји според тоа колку навистина работат нивните граѓани во 2025 година – и резултатите се далеку од очекуваното. Додека светскиот просек е околу 38,7 работни часа неделно, мапата покажува драматичен јаз: некои нации работат како да нема утре, а други се фокусирани на животен баланс што многумина само можат да го сонуваат.

Иако често се шегуваме дека Балканците „работат од сабајле до мрак“, бројките покажуваат поинаква слика – и тоа доста интересна.

На врвот меѓу земјите од регионот убедливо е Црна Гора, каде што луѓето работат во просек 44,2 часа неделно.
Потоа следуваат:

Албанија – 41,4 часа

Босна и Херцеговина – 40,8

Србија – 38,4

Бугарија – 38,2

Изненадувачки, Грција е малку пред нас со 37,8 часа, а веднаш по нив – Македонија, со 37,5 работни часа неделно. Ни премногу, ни премалку – класична балканска умереност.

На дното од регионот, но со најевропски стил, се Хрватска (34,3 часа) и Словенија (33,7 часа) – земји што сè повеќе го следат западниот тренд „работи помалку, живеј повеќе“.

Бутан на врвот – највредни во светот?

Глобалната мапа го носи неверојатниот податок дека највредни се… Бутанците, со просечни 54,5 часа неделно.

Во Азија работната интензивност е правило, па високо се позиционирани и:

Обединетите Арапски Емирати – 48,4 часа

Пакистан – 47,5

Индија – 45,8

Во многу од овие земји силен индустриски ритам, долгите смени и слабата социјална заштита ја туркаат работната недела високо над глобалниот просек од 38,7 часа.

Европа: работат најмалку – живеат најквалитетно

На другата страна од светската мапа, Европа се чини како да живее во сосема друга димензија.

Најкратки работни недели имаат:

Холандија – 26,8 часа

Норвешка – 27,1

Данска – 28,8

Во земјите со силна автоматизација, висока продуктивност и стабилни политики за заштита на работниците, „помалку работа“ значи „повеќе баланс“, „повеќе слобода“ и, очигледно, повисок квалитет на живот.

Повеќе од 150 земји се рангирани во визуелизацијата, а разликите се неверојатни: од 54,5 часа неделно до едвај 26,8.

Останува отворено прашањето: Работиме ли повеќе за да живееме – или живееме за да работиме?

Извор: Visual Capitalist

Слични вести