Костадиновска сведочеше за пожарот во „Пулс“: Паднав во стампедото, настана хаос

by irena 13:04
13:04

Судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ денес продолжи со сведочење на пејачката Ана Костадиновска, која беше придружен вокал на групата ДНК.

Таа раскажа дека трагедијата се случи за време на изведбата на песната „Што сака нека биде“, кога на рефренот се активираа прскалките.

– Ја изведувавме песната „Што сака нека биде“ и на самиот рефрен се вклучија прскалките. Ништо не беше неочекувано, на истата песна секогаш се палат. Инстинктивно погледнав нагоре бидејќи почувствував топлина. Панчо повика да излеземе, но никој од нас не ја сфати сериозно ситуацијата. Се движевме споро кон излезот. Забележав врата десно од мене и ги повикав да излеземе од таа врата, но беше заклучена. Потоа излеговме по подолгиот пат, кога ситуацијата веќе ескалираше – рече Костадиновска.

Таа опиша и дека настанал хаос додека се обидувале да се спасат.

– Паднав во стампедото, настана хаос. Се чувствуваше силен мирис што нè тераше на спиење. Ми помогна едно момче кое беше до мене и нè држеше будни. Ногата ми беше приклештена, имаше многу луѓе. Во еден момент се почувствува свеж воздух што ни даде надеж. Момчето над мене се помрдна за да ја извлечам ногата и така излегов, рече таа.

Во несреќата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

За трагедијата се обвинети повеќе од 30 физички и три правни лица.

Слични вести