Колку тежат македонските премиери?

by fokus

Текстот е објавен на 26 септември 2008 година во неделникот „Фокус“ во бројот 691

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

 

Нашава четворка од „премиер-лигата“ може да се рангира вака: најбогат станал Љубчо, после него доаѓа Бучко, нему му дише во врат Грујо, па има неколку празни места и потоа следува Бранко. Секако, ова е според пријавеното на „жими мајка“.

Многу народи живеат во сиромаштија затоа што нивните лидери ги ограбуваат – со вакво образложение минатата година ООН и Светската банка ја покренаа акцијата за враќање на имотот кој корумпираните државници го краделе од своите граѓани и го депонирале во странство.

Според проценките на овие две меѓународни организации, годишно само функционерите од транзиционите држави и земјите во развој земаат мито во вкупен износ од 20 до 40 милијарди долари. И по правило го чуваат надвор од татковината. Се разбира, Македонија е земја во транзиција, во која сиромаштијата е како со армиран бетон вградена во нејзините темели, ама во овие 18 години ниту еден државник и лидер не бил осуден за корупција и грабеж на народните пари или имот. Оттаму, спротивно на тезата дека ‘народот живее во сиромаштија оти лидершипот го краде’, според нашите статистички податоци од судската евиденција излегува дека Македонците се во сиромаштија од други соображенија: поради проклета судбина, лоши комшии, можеби заради некаква виша сила, или во стилот на некогашната Це-Ка на СКМ – криви се објективните околности, ама не и субјективните слабости.

А корупција имаме. Ама согласно традициите овде страдаат ситните риби, а големите стануваат уште подебели и поопасни. Во изминативе мачни години на транзитирање, не само што ниту еден од врхушките не започнал затворска кариера, туку и самите тие, државниците, ни се живи гревчиња! Се декларираат за сиромаси, па така се втопуваат во македонскиот просек. Таков е барем ‘дојамот’ од анкетните листови што ги имаат доставено до антикорупциската Комисија. Тоа беше законска обврска која тие ја „учинија“. Совеста, пак, не е законска категорија, па останува да баратаме со она што тие го ставиле на хартија.

 

ПРИКАЗНАТА ЗА БОГАТИОТ И СИРОМАВИОТ

 

Иако политичките елити практикуваат редовна размена на плуканици и р’каници и вадење на валканиот криминален веш на политичкиот противник, сепак формално правно сите се со „тапија“ за чесност. Јавноста, пак, по дифолт ја доживува политиката како извонредно привлечна професионална дестинација за лично богатење.

Колку се „омрсиле“ оние што управувале со Македонија? Лапнале ли провизија од некој тендер, зделка, продажба во четири очи? Колку ја искористиле моќта за да си го здебелат сопственото конто? Ова се логичните прашања, универзални за секоја транзициска држава ама истите ќе ви прозвучат апсурдно кога ќе ѕирнете во официјално декларираниот имот на македонските политички првенци. Поточно, од овие „ливчиња“ ќе заклучите дека високата политика не е вносен бизнис. Дека сказната за корумпираноста на големите риби е обичен стереотип и измислица на обичните лузери на транзицијата.

Колку премиерската функција во Македонија ги збогатила првите луѓе на владата? За таа цел го разгледавме отчетот што го имаат дадено пред антикорупционерите четворица досегашни премиери: Никола Груевски, Владо Бучковски, Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски. Ваквата наша занимација не извира од некакви ‘жолти’ пориви за плакнење уста со туѓите финансиски достигнувања. Суштината на анкетните листови впрочем има јасна намена. Да покажат колку ‘тежеле’ материјално кога дошле на позиција, а со какво салдо потоа си заминале. Ваквите податоци при влез и излез од власта доколку се реални може да покажат дали за време на мандатот практикувале и дополнителните дејности, отсек – корупција и криминал. Доколку, пак, се наведат смешни податоци, тоа е аларм за надлежните антикорупционери да трагаат по ‘скриеното богатство’.

Со оглед на фактот дека оваа „направија“ наречена анкетен лист стартуваше во 2002-та, додека нашата опсервирана четворка е во високите одаи на политиката години пред тоа, тогаш мора да забележиме дека за ваквата анализа недостасува една важна алка од синџирот. А почетоците се секогаш одлучувачки. Нели, клучно е како е направен првиот милион. Потоа, се’ оди во рамките на уставот и законите. Сепак, не е се’ залудно. Ова четиво е барем забавно во некои графи и графикони.

На пример, дури тројца немаат свој автомобил, а двајца премиери не успеале ниту да си купат стан. Во годините на нивното премиерување, генерално земено, не им растат многу ни заштедите ни долговите. Никој нема купено ниту акции на берза. Едноставно, платите им се потаман. Ни вишок, ни кусок. А госпоѓите премиерки, сопругите, не можат да се пофалат ниту со некаков вреден накит, скапи часовници. Како куриозитет е сепак државничката финансиска судбина на Црвенковски. Осумте години премиерски мандат и уште четири години претседателски ангажман, ниту за милиметар не го менуваат неговиот социјален статус. Ваквиот стил на кој се обидува да го негува ‘митот за чесноста’ оддава доза на цинизам, но може да се доживее и како мајтапење со нас.

 

И ГРУЕВСКИ СО „МИТОТ ЗА ЧЕСНОСТ“

Во тој дух ама обратно е пародичното отчитување на стартот на Георгиевски кога ги пребројуваше кокошките во Владимирово и мотокултиваторот. Сепак, Љубчо кој нели започна со „капутчето кај Змејковски“, заминува од функциите, последната му беше пратеничката, тежок околу половина милион евра. Груевски е изгледа влезен во филмот на Црвенковски – да гради мит за чесноста. Човекот кој најмногу го прозиваа за „станбениот фонд“ или таканаречениот случај „станови“, нема пријавено ниту еден на свое име.

Меѓу Бранко и Љубчо, меѓу двата антипода на сиромавиот и богатиот, е Бучковски. Тој барем повеќе би влегол во дефиницијата на Љубчо кој деталите за своето богатство еднаш ги опиша колку на еден средно успешен бизнисмен. Е, Бучко е малку подолу, малку помалку успешен, ама сепак како бизнисмен. Наспроти нив, Бранко може да се споредува со стечајците. Оние, кои добиле некогаш општествен стан, а додека им работела фирмата успеале да тргнат и троа на книшка за црни денови.

Да почнеме токму со него, премиерот со најдолг стаж, а најсиромавиот – Бранко Црвенковски. Освен станот од 61 метар квадратен, кој го доби уште како пратеник од Собранието, значи општествен, па веројатно потоа го откупил, „државникот“ има само уште во Комерцијална банка кај Харчота на трансакционата околу 10 илјади евра. Така е запишано од 2002-та, а промена не е пријавена, што ќе рече се’ е кај Бранета како во сказната за „заспаната убавица“. Се’ си е исто како пред 15 септември кога ја зеде власта повторно во свои раце. Сопругата Јасна која има сопственички удел, третина односно четвртина најверојатно од „Семос“ фирмите, бидејќи нема вакви детали, го вози старото ‘поло’ од пред 13 години проценето на околу 4,5 илјади евра. Нејзината трансакциска е уште поскромна од онаа на сопругот – со помалку од 600 евра. Колкава е вредноста на сопственичкиот удел на Црвенковска во „Семос“, никогаш не е прецизирано. Дали третината е пет илјади евра или можеби петстотини илјади?! Уметнички слики семејството Црвенковски нема барем пријавено. Или не се по уметноста или имаат голи ѕидови со по некое гобленче.

Првата дама нема ниту вреден накит, а бижутеријата не е за покажување. Колку за споредба, новата министерка за култура, Елизабета Канчевска, има пријавено накит со благородни метали вреден околу 30.000 евра. Нејсе, човекот кој е вграден како темел на македонската транзиција, во чие време се растураше со ембаргото, кога се дадоа за бадијала фирми под плаштот на приватизацијата, кој потоа по враќањето за џабе даваше плацеви среде Скопје, со платата од 1.200 евра плус онаа на Јасна која е тајна, успева таман да истера од први до први. Не се задолжува, ама и не заштедува ниту влегува во крупен зафат за поголем стан или некаков луд автомобил. Вака гледано, некој може да се сожали да организира еден хуманитарен концерт за сиромавиот државник.

Неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, пак, нема ништо на негово име. Се’ е заеднички имот со Снешка, која барем има џип и дел од 200 м2 куќа во беровско. Заедничкото, пак, не е за ‘занемарит’. Два стана позамашни: еден од 100, вториот од 200 метри квадратни. Плус, тука се десет декари земјоделско земјиште во скопско пријавено како две ниви – од 3 и од 7 декари. Сега ги нема кокошките и другата стока со која претходно ја исмејуваше целата процедура на анкетирањето. Заштедата од 70 илјади евра е за респект. Уметничките слички кои ги набележал не се вредносно искажани, па нивната цена како и онаа на нивите останува да ја гатате. Сепак, горе-долу, Георгиевци излегоа од политиката официјално потешки за околу пола милион евра.

 

БУЧКО – МНОГУ ПОВЕЌЕ ОД БРАНКО, А МНОГУ ПОМАЛКУ ОД ЉУБЧО

За разлика од претходниот двоец, Бучковски е прецизен во прикажувањето на имотот во вредносни категории. И тука е нејасно чиј е станот во кој живеат со сопругата Катерина. Додуша, стои дека таа има куќа во Кавадарци од 160 м2 – проценета на 100 илјади евра, а Бучкоски пак дел од куќа во Скопје од 84м2 – повторно вредна 100 илјади евра, но тоа е по се’ изгледа добиено или наследено од родителите. Девизно на книшка, овој екс премиер тежи околу 55 илјади евра во Комерцијална и во Стопанска банка. Девизната кредитна картична му е со нешто повеќе од 33 илјади евра, а и на трансакционата има околу 9 илјади евра во денарски приказ. Сепак, тој е единствен кој пријавил кредит од 20.000 евра, што веројатно треба да ја покрие купувачката на ‘мицубишито’ кое му е од минатата година, додека сопругата од 2006 вози ‘пежо 207′ вредно 12 илјади евра. Уметничките слики не се дадени на број, но се проценети на 4 илјади евра. Се’ на се’, послабо од Љубчо, ама многу повеќе од Бранко.

За Груевски е специфично што има најобемен анкетен лист. Но се’ е таму вложено во штедни книшки, орочени влогови, кредитни картички, заштеди. Распослан е низ повеќе банки: Стопанска, Уни банка, Капитал банка, Комерцијална, НЛБ Тутунска банка. Токму кај поголемите орочени суми набележани се годините: 1999, 2001 и 2002, што сугерира дека се збогатил уште додека бил министер за финансии или советник на српската влада. Груевски формално правно нема стан, нема возило, нема ниви, нема куќи. Тежи помалку од 65 илјади евра, орочени му се околу 26 илјади евра. Како и Бучко и Љубчо, а спротивно на Бранко, има 25 уметнички слики во вредност од околу 7 илјади евра. Овој премиерски период, овие две години Груевски се збогатил само со седум уметнички слики повеќе, а личната заштеда му се намалила од 438.500 денари во 2006, на 27.000 денари. Првата асоцијација е дека се’ е ова врзано за свадбата.

Сопругата Боркица, пак, изгледа преферира кеш, па нејзината заштеда во готово пораснала од 4.800 на 5.900 евра. Некогашниот брокер нема акции. А, ете, неговиот братучед во ДБК, Сашо Мијалков во оваа графа на пример има запишано 300.000 евра во акции? За разлика од Бранко, кој платата и сопственичките удели на Јасна ги крие, од анкетниот лист на Груевски дознаваме дека платата на Боркица е 15.500 денари.

Она што е занимливо е дека после неколкугодишно верглање од СДСМ за становите на мајка му, актуелниот премиер како да бега од недвижнини како ѓавол од крст. Оттаму, недостаува деталот чиј е станот во кој живее?! Па, веројатно на мајка му, де. Трите стана на Надежда во квадратура од околу 200 м2 повеќе ја палеа ‘Бихачка’ од 200-те м2 колку што е голем новиот стан на Љубчо. Ова доволно говори дека имотот е занимација за пљуцкање по противникот само додека е лидер. Кога ќе замине од политиката, веќе никому не му е занимлив. Од друга страна, неподносливата сиромаштија која со години е заштитен знак на Б.Ц., за сдсмовци е веројатно нормален производ од живеачката на нивниот екс, ама и иден лидер. Како Бучко заштедил 55 илјади евра, а Бранко со неколкукратно поголем стаж сал 10 илајди? Наспроти бранковите 10 ‘кркушки’, Љубчо тргнал на страна 70 илјадарки, ама и купил два стана додека беше активен во политиката. Ако се занемари станчето на Бранко, тогаш и Грујо делува грандиозно на финансиски план наспроти него. А сите имаат горе-долу исти примања. Дали едниве земале под маса за разлика од него или тие биле само многу подобри домаќини и шпараџии? Просто е за неверување дека човекот со најдолг стаж има помалку и од оние со помала плата од неговата.

 

‘БА ТИ ПАРИТЕ КОГА НЕ СМЕЕШ ДА ГИ ПОКАЖЕШ

 

Нашава четворка од „премиер-лигата“ може да се рангира вака: најбогат станал Љубчо, после него доаѓа Бучко, нему му дише во врат Грујо, па има неколку празни места и потоа следува Бранко. Секако, ова е пријавеното на ‘жими мајка’. Дали во мак-премирската лига има ‘двојно книговодство’, односно дали нешто скапува по разни страни на светот, на име на блиски, ќе си толкува кој како сака. Овде, освен Бучковски за кој се води кривична постапка за случајот ‘МЗТ ФОП’, како и еден вице премиер, Циле Тупурковски за ‘тајванските кредити’, сите останати беа само предмет на олајавање. Љубчо најмногу за ОКТА, но откако се повлече истиот предмет му го ставија на товар на Груевски. Него го платкаа и за ‘платежната картичка’, ем ‘становите’. Човекот пак што беше носител на политика која ја урниса земјата, во чие време процвета криминално-финансискиот октопод, таа морална грамада за сомнежот дека на швајцарските сметки сепак има нешто на негово име, се најде погодена, неговата чест нарушена, а душевната болка толкава што само судот можеше да му ја санира. Е, грујовци сега демек го проверувале неговиот и имотот на неговото семејство, што проверуваниот го доживува како политички мотивиран атак за негова дисквалификација.

Ете за што можат да послужат анкетните листови – партијата на власт да го проверува лидерот на опозицијата. Овие институции не би се дрзнале да го стават под лупа сега Груевски и фамилијата. И обратно. Единствениот, пак, кому му најдоа провизија е екс директорот на ЕСМ, Панде Лазаров. Но и тој е за сега само осомничен, ама неколку месеци е во притвор. Го товарат дека така ‘заработил’ околу 345.000 евра. Што е уште поинтересно, груевци открија земена провизија од пред 10 години, кога Лазаров склучувал договори за деловна соработка со една германска и една кинеска компанија. Парите, пак, му биле префрлани на негова сметка во банка во Будимпешта. Значи, освен Панде во овие 18 години никој друг не е ниту осомничен за ваква ‘направија’. Иако чаршијата во секоја влада на одредени министри им дава прекар ‘мистер 10 отсто’, а во кулоарите богатството на нашите државници достигнува и котира со многу повисоки цифри.

И така, во Македонија се’ уште се тајна финансиерите на партиите и донаторите на скапите изборни кампањи. Тајна е и имотот што го поседуваат партиите. Да потсетам дека државната ревизорка поставена од ‘фамилијата’ води дури судски спор пред Управниот суд само да не ги достави овие детали на ‘Фокус’. Но затоа, еве, на огласна табла е личниот им имот на нашите првенци онака како што тие го прикажале. Се надевам дека вака скромниот бенефит што го носи премиерската функција нема да декуражира други аспиранти. Верувам и дека нема да се засрамите ако со вашите солидни плати, над македонскиот просек, изминатава деценија ипол сте успеале да постигнете повеќе од ‘државникот’ и некои од другите премиери. Имајте разбирачка, понекогаш особено ако робувате на ‘митот за чесност’, ќе забегате во другата крајност.

Ама фино рекол народот: ‘Ба ти парите кога не можеш да ги покажеш’. Тики, да ве прашам: Им верувате ли на отчитаното?!

 

Поврзани новости