Oпштините што распишаа јавен повик и склучија договори, кои се јавни на платформата за Јавни набавки, потрошија нешто над 500.000 евра за новогодишно украсување, а од оваа сума, 18 милиони денари или околу 300.000 евра ќе ги заработи една фирма, која го украсува Скопје од 2009 година наваму. Скопјани, за украсување на центарот, издвоиле над 2,5 милиони евра за 15 години.
Пишува: Орце КОСТОВ
Текстот е објавен на 25 декември 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.577
Осветлувањето на елката и отворањето на божикниот маркет го означија почетокот на празничната програма „Скопје – новогодишна зимска бајка“, која ќе трае до 31 декември.
Градоначалникот Ѓорѓиевски, пред голем број присутни граѓани и деца, порача дека по многу години, главниот град конечно го добива сјајот што го заслужува и дека оваа елка го означува крајот на „годините на сивилото“, кои, според него, ги живеевме за време на мандатот на Данела Арсовска.
– Од срце ви благодарам, драги скопјани, најдраги дечиња, за масовното присуство, за радоста и за прекрасната енергија што вечерва ја споделивме заедно. По години сивило, Скопје повторно блесна… со што симболично го означивме почетокот на празничната магија во нашиот главен град, истакна Ѓорѓиевски, не криејќи го задоволството од атмосферата и енергијата на присутните.
Тој додаде дека оваа церемонија не е само обичен настан, туку чекор напред кон визијата Скопје да се развива рамо до рамо со современите европски метрополи, преку настани што носат заедништво. Градоначалникот најави дека церемонијата ќе остане запишана во историјата и вети дека организацијата на ваков божикен маркет ќе прерасне во традиција.
– Време е Скопје повторно да живее со светлина, насмевки и празнична топлина, порача Ѓорѓиевски, заблагодарувајќи им се на граѓаните што ја направиле ноќта посебна.
Новогодишната елка со прозорчиња предизвика многубројни реакции во јавноста, најчесто шеги затоа што празничниот симбол на плоштад Македонија е визуелен концепт кој започнал во далечниот Вилнус, главен град на Литванија, во 2015 година и кој наводно не соодветствува со нашите традиции.
Слична елка постави и романскиот град Крајова, кој во последните неколку години е една од најатрактивните божикни дестинации. Според медиумите, таа елка важи за една од најкреативните празнични инсталации во Европа и често се наведува како инспирација за подоцнежни проекти низ континентот.
УЛИЦАТА МАКЕДОНИЈА ВО ТЕМНИЦА
Фирмата „Линк Медиа Плус ДООЕЛ“ од Скопје го реализираше новогодишното украсување на главниот град, откако како единствен понудувач го доби тендерот распишан од Град Скопје.
Фирмата постави новогодишни и светлосни елементи на повеќе локации низ Скопје. Најголем дел од декорацијата е на плоштадот Македонија, каде што се поставија неколку светлосни фигури, новогодишна елка висока најмалку 13 метри, со метална конструкција, вештачко зеленило, украси и светилки, како и 3Д фигура „мече“ висока 4 метри, големи алуминиумски светлосни ѕвезди во две димензии, 3Д рамка за фотографирање во форма на Дедо Мраз, „Ѕвездено небо“ со 800 квадратни метри лед-мразулци и светлосна обвивка на канделабрите (25 столбови)
Покрај централниот плоштад, се украсија и главните скопски улици и булевари: Даме Груев, Димитрија Чуповски, 11 Октомври, булеварите ВМРО, Гоце Делчев, Партизански одреди, како и улицата Филип Втори Македонски. На овие локации се поставија висечки светлосни елементи, лед-фигури, мразулци и декоративни конструкции.
Пред Владата се инсталирани 40 светлосни елементи од типот што се предвидени и за другите булевари.
Годинава за првпат, улицата Македонија нема да светне новогодишно. Иако оваа улица е една од најпосетените од туристите што доаѓаат во главниот град, но и од самите жители, Град Скопје не ја вклучи во јавниот оглас за украсување.
Од Градот не објаснија зошто се украсуваат само улици во најтесното централно подрачје. Без украси се и Илинденска, освен просторот пред Владата, Партизанска до Ѓорче Петров, булеварите Борис Трајковски и Александар Македонски, како и многу други простори во градска надлежност.
Новогодишното украсување го чини Град Скопје околу 70.000 евра, а дочекот на 2026 година со музички хепенинг на плоштадот ќе чини дополнителни 70.000 евра.
Според градоначалникот Ѓорѓиевски, тоа е помалку отколку што чини украсувањето во други европски градови, па дури и помалку од украсувањето во некои општини во Македонија.
Лани, екс градоначалничката Данела Арсовска се пофали дека за украсување се потрошени само 30.000 евра, иако за време на нејзиниот мандат јавен повик за избор за фирма за украсување никогаш не беше објавен на Електронскиот систем за јавни набавки, ниту на официјалниот сајт на Град Скопје.
Пред неа, ексградоначалникот Петре Шилегов од редовите на СДСМ трошеше многу од градскиот буџет за на скопјани да им приреди убаво новогодишно доживување и забавна програма. И во неговиот мандат украсуваше истата фирма „Линк Медиа“, но тоа чинеше од 150 илјади евра за дочекот на 2018 година до 200 илјади евра за украсувањето пред Новата 2021 година, кога во времето на корона, освен тоа немаше никаква друга програма.
Најскапо беше китењето во пресрет на 2020 година, кога за новогодишното украсување беа потрошени 270.000 евра, а за „Зимзоленд“ 97.000 евра.
КОЛКУ ПОТРОШИЈА ОПШТИНИТЕ?
Покрај Град Скопје, веќе традиционално и општините ги украсуваат јавните површини.
Првата општина што почна со украсување на јавните површини беше Општина Центар.
Оваа општина потрошила околу 4 милиони денари односно 65.000 евра за украсување на неколку фреквентни локации, како Дебар Мало, Сквер Јадран, Капиштец… Добитник на тендерот е Линк Медиа Плус ДООЕЛ.
Истата фирма го украси и Штип за што беа потрошени 5 милиони денари или 80.000 евра.
Општина Градско ја избра фирмата КОД ИНЖЕНЕРИНГ од Скопје која ја накити општината за сума од 354.000 денари.
Општина Новаци ја ангажираше фирмата ВИНЕЛ ЕЛЕКТРИК од Битола, за што издвои 177.000 денари за осветлување.
Општина Богданци е украсена за 5.000 евра од страна на компанијата ДЕЛТА КОМПАНИИ ДООЕЛ Скопје, додека Општина Демир Капија ја избра фирмата МОДЕРН МЕТАЛ ДООЕЛ од Неготино и потроши 5.000 евра.
Украсувањето во Гевгелија чинеше 708.000 денари и го направи фирмата ДТПУ Димензија.
Општина Ресен ја ангажираше фирмата ГРИН ВЕЈ ДООЕЛ Битола која го украси градот за сума од 566.400 денари.
Освен Град Скопје, услугите на Линк Медиа Плус ги искористи и Општина Радовиш која за украсувањето на оваа фирма ќе и плати 2 милиони денари.
Оваа фирма го доби тендерот за новогодишно украсување и во Прилеп, Кавадарци и Гази Баба. Општина Прилеп ќе издвои два милиони денари, Кавадарци околу 1,4 милиони денари, а Гази Баба 1,8 милиони денари или 30.000 евра.
ЛИНК МЕДИА ги украси и општините Чаир, која издвои 3,5 милиони денари, и Општина Сопиште, од која ќе наплати 250.000 денари.
Општина Дојран издвои 548.000 денари за украсување, а тендерот го доби компанијата ДИМЕНЗИЈА 360 ДООЕЛ од Скопје. Оваа фирма ги украси и улиците во Општина Валандово, а вкупната вредност на јавната набавка е 20.000 евра.
Вкупно, општините кои распишаа јавен повик и склучија договори кои веќе се јавни на платформата за Јавни набавки, потрошија нешто над 500.000 евра за новогодишно украсување, а од оваа сума, 18 милиони денари или околу 300.000 евра ќе ги заработи Линк Медиа Плус.
СЕКОЈА ГОДИНА ИСТА ФИРМА
Она што е интересно е дека според Електронскиот систем за јавни набавки, речиси во сите општини украсувала една иста фирма, односно Друштво за производство, трговија и услуги ЛИНК МЕДИА ПЛУС ДООЕЛ увоз-извоз Скопје.
Оваа компанија не излегуваше од устата на политичарите, посебно кога се во опозиција и го критикуваат политичкиот противник за фаворизирање на една фирма. Но, кога ќе дојдат на власт, соработката продолжува, односно не им смета што компанијата и понатаму ги добива тендерите за предновогодишно украсување на општините.
Во 2019 година, метрополата за новогодишните празници светеше во боите на тендер тежок 285.000 евра. Според тогашниот градоначалник на град Скопје, Петре Шилегов, немаше ништо незаконско во тоа што фирмата Линк Медиа Плус која како опозиција често ја критикуваа на пресовите на Бихаќка, го доби тендерот десетти пат по ред.
Линк Медиа Плус е одамна позната во јавноста по новогодишното украсување на голем дел од општините во земјава во изминативе години.
Освен за Струмица и за Град Скопје, Линк Медиа Плус во изминатите години работеше на новогодишно украсување на плоштадите во Радовиш, Валандово, Крива Паланка, Куманово, Кавадарци, Гевгелија, Чаир, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Центар, Гази Баба, како и ГТЦ.
Оваа фирма била избирана од сите градоначалници на Скопје од 2008 година наваму. Била избор на секторот за јавни набавки под палка на Коце Трајановски, Петре Шилегов и Данела Арсовска, со тоа што градоначалничката по една година реши да избере други изведувачи за кои нема документација на сајтот на Бирото за јавни набавки. По пауза од три години и со избирањето на Орце Ѓорѓиевски за градоначалник, оваа фирма повторно го доби јавниот повик да го накити Скопје.
Само скопјани за новогодишно украсување на метрополата од 2009 година досега „искеширале” над 2,5 милион евра.
Вуков во медиумите е познат и по изградбата на црквата „Света Лидија Македонска“ во скопската населба Ченто и по купувањето на златната лопата за сума од 5.000 евра на наддавањето кое се одржа по осветувањето на камен-темелникот на оваа црква.
Пред години и Министерството за внатрешни работи ја избра фирмата „Линк медиа плус“, како најповолен понудувач за набавка на панцири, маици со куси ракави за полицијата и ознаки за униформи.
Инаку, според податоците од Бирото за јавни набавки, Линк Медиа Плус добивала тендери и за миење на возилата на МВР, ги мие службените возила на Управата за финансиска полиција, Агенцијата за цивилно воздухопловство, набавува ХТЗ облека за Службата за општи и заеднички работи на Владата, одржува системи за наводнување, набавува дури и душеци за болницата во Прилеп. Во голем дел од тендерите неретко таа е единствен понудувач.