Хоџа: Со инвестиција од 11 милиони евра, доделуваме опрема за селекција на отпад на 18 општини

by irena 15:21
15:21

Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денес од Новаци, најави дека управувањето со отпадот и намалувањето на аерозагадувањето се меѓу врвните приоритети на неговиот мандат. Во таа насока, денес започна реализацијата на регионалниот модел за управување со отпад, со инвестиција од околу 11 милиони евра во опрема за селекција и транспорт.

„Проектот ќе опфати над 400.000 граѓани од 18 општини во Пелагонискиот и Југозападниот регион и е директно поврзан со идниот регионален центар за управување со отпад во Новаци, како и со претоварните станици во Прилеп, Охрид, Кичево и Дебар“, изјави Хоџа, додавајќи дека 2026 година ќе биде клучна за поставување на основната инфраструктура.

Министерот Хоџа најави дека во тек е подготовка на јавна постапка за регионалната депонија за Пелагонискиот и Југозападниот регион, која треба да биде реализирана во рок од шест месеци.

„Паралелно, се финализира постапката за депонијата во Полошкиот регион во Русино, а објавен е и јавен повик за депонијата во Свети Николе, која ќе ги опфати Североисточниот и Источниот регион“, рече Хоџа.

Министерот упати благодарност до ЕБОР, SECO, Инвестициската рамка за Западен Балкан, Владата на Шведска, преку кои се обезбедени околу 90 милиони евра за изградба на овие центри, како и до локалните самоуправи и јавните комунални претпријатија, при што упати апел за широка соработка со сите чинители во државата за почиста и поздрава животна средина.

Слични вести